Нови времиња – нов израз?

НОВИ ВРЕМИЊА – НОВ ИЗРАЗ?

(за некои нови масмедијални и интерперсонални комуникати)

 

Денес веќе сите знаеме дека Интернетот како најраширен електронски комуникациски медиум и, се разбира, како датабаза на информации и извор на забава – нуди неограничени можности за комуникација, при што начините на таа комуникација, нејзината содржина, обем и форма постојано се менуваат, се рашируваат, се дополнуваат или се обновуваат. Лингвистите и книжевните научници, во тој домен, ги интересираат карактеристиките на комуникациската интеракција што произлегуваат од специфичната поставеност на главните актери во комуникацискиот акт – испраќачот и примачот – но исто така и карактеристиките на текстот / комуникатот како производ и средство на комуникацискиот процес.

Ако посветиме поголемо внимание односно ако се задржиме подетално на некои од текстовите што се објавуваат во Интернет-комуникациската средина, можеме многу лесно да најдеме во нив синкретичност во различните јазични постапки како и прелевање на особеностите на поединечните форми и жанрови од кои потоа и се раѓаат многуте потешкотии при обидите за нивно типолошко класифицирање. Вкрстувањето на различните творечко-текстовни постапки, секако, произлегува од специфичната комуникациска ситуација што ја припуштаат или пак ја создаваат техничките параметри на глобалната мрежа. Техничката инфраструктура на Интернетот овозможува освен познатата електронска поштенска служба (e-mail) и поврзувањето на компјутерите со мобилните телефони (начини и постапки што овозможуваат интерперсонална, иако технички посредувана комуникација) и пристап до текстови од различни комуникациски сфери – административна, правна, публицистичка, научна, економска, политичка, уметничка итн. Не се работи тука, сепак, за „пристап“ во смисла на нивно пасивно восприемање од страна на примачот, туку и за можност – со помош односно со посредство на таквите текстови да се вклучиме активно во комуникациската интеракција, при што примачот (оној кој ќе ја отвори конкретната страница) ја добива или може да ја добие позицијата на иницијатор на комуникацискиот акт. Тоа се моменти кога масовно-комуникацискиот карактер на Интернет комуникацијата се брише и кога комуникацијата добива знаци на интерперсонална размена на информации.

Популарноста и актуелноста на ваквите комуникациски модели доведе и до извесно поместување на некои матрици и во полето на уметничкото општење, каде што книгата сé почесто (мора да) се повлекува во позадина за сметка на некои понови „виртуелни“ форми на книжевниот израз. Новите технологии, на тој начин, го поттикнаа, на пример, и раѓањето на манифестациите од типот SLUM poetry или SMS poetry, кои сега се и мошне распространети и омилени ширум светот. Така и многу познати и реномирани поетски фестивали во Европа и во светот не останаа само класични фестивали на поезијата, туку во меѓувреме прераснаа и во фестивали на визуелната уметничка комуникација и на современиот медиумски израз. Затоа, таквата појава треба воедно да се разбере и како недвосмислена реалност, како егзистирачки факт, без разлика на тоа дали ние сме или не сме нејзини безрезервни поддржувачи и следбеници. Притоа, патем, друго е прашањето дали ќе биде можно еден ден убедливо да кажеме дека ќе се развие некаква (цела) СМС книжевност. Засега не можеме прецизно да ги предвидиме степенот и брзината на развојот ниту на СМС поезијата, како ни нејзиниот статус во идните книжевно-моделирани системи, но во таа насока можеме барем да кажеме со деридовски вокабулар дека теоријата на итерабилноста како поткопување на опозитните поларитети помеѓу фактичкото (материјалниот текст на хартија) и возможното (виртуелниот текст) посочува, во секој случај, и на непрекинатото умножување на значењето во текстот, а практиката на пишувањето, пак, ја означува како потенцијално бесконечна.

Ако следствено на тоа си го поставиме и прашањето како би изгледала таа СМС поезија или книжевност во иднина, тогаш од денешна перспектива би можеле да ги дефинираме нив како фузија на техниката и поетиката во огромниот техно-научен апарат на „забрзаното“ време во кое секојдневната борба за профит стана немилосрдна и, од многу аспекти, загрижувачка. Во таа смисла, „инстант“ СМС книжевноста или поезијата би се сфатила како ревизија на начинот на расудување на „поетската логика“ што досега сме ја сметале за „природна“. Впрочем, веќе од одамна стана сосема нормално поезијата да се објавува и на ЦД, на ДВД, а исто така и – цели книги да се објавуваат слободно на глобалната Интернет мрежа. Тоа ќе рече дека моделите на виртуелните заедници се повеќе се мултиплицираат. Но, како и да е, предизвикот е во наши раце, па затоа и самите можеме да се нафатиме или да не се нафатиме да напишеме, конечно, СМС песна и истата до некого да ја адресираме. Да му ја испратиме, еве, на некој избран – за кого ќе сметаме дека ќе биде добар примач.

Меѓутоа, нам лично, на крајот на краиштата, ни е сé уште близок ставот на Жак Лакан дека во низата екран – субјект – поглед – текст – останува неостварен силниот копнеж по допирот на самата песна, по нејзината фиксираност. Зашто во споредба со песната напишана на хартија или сместена меѓу корици, СМС песната дури и да се „дофати“, дури и да се „прекрши“ полната папка на екранот, од неа не ќе остане „ништо“. Ама, кој знае, новите генерации кои допрва доаѓаат можеби и нема да размислуваат така и ќе си обезбедат благовремено и свои аргументи за прифаќањето на овој изразен феномен, кој е, несомнено, и продукт на новото време.

Исто така, уште еден изразен феномен кој зема сé поголем замав во денешницава, а кој може да се разгледува делумно и од книжевно-комуникациски аспект е т. н. статус на социјалните мрежи Фејсбук и Твитер. Оставајќи ги однапред на страна сите позитивни и негативни страни и коментари за Фејсбук и Твитер комуникацијата, си земаме за право да прогласиме дека на овие друштвени мрежи се појави, верувале или не, нов жанр – неговото височество – статус. За разлика од епиграмот, на пример, тој не мора да има облик, за разлика од афоризмот не мора да содржи мисла, за разлика пак од рекламата не мора да лаже. Значи – што на срце, тоа на статус! Тука, впрочем, лежи и таа страшна аналогна самотија на пишувачите на статуси. Сведочи ли сето тоа и за нашата постепена миграција во виртуелниот свет? Оние луѓе меѓу нас кои експлицитно или имплицитно настојуваат да ја игнорираат Фејсбук и Твитер комуникацијата, можат слободно и резигнирано да констатираат дека, најпосле, најверојатно и ќе нé однесат таму каде што сакаат, но така и ни треба штом сме се фатиле за јадицата.

Дотолку повеќе, за нов книжевен жанр може да се смета, всушност, и коментарот, бидејќи ако тој случајно успее, тогаш избиваат со него на површина и различните бисери на „коментаторите“. И на статусите, но и на коментарите можат уште да се прилепуваат и т. н. читателски блиц впечатоци, т. е. лајкови. Поткрепа за тоа дека ваквата појава побарува сé поголем простор и во полето на книжевноста и на уметноста претставува сé поголемиот број понуди од авторите до издавачите за издавање на нивните Фејсбук или Твитер статуси, упатства за пишување статуси, избор од и-мејлови и сл. во посебни книги. Пред неколку години, во една од нашите соседни држави излезе од печат и цела стихозбирка со „поетски статуси“ од една млада, но прилично етаблирана поетеса, која е насловена – никако поинаку – „За like јас сум родена, не за ignore“.

Она што уште треба да се дополни за статусите е и тоа дека за пишувањето статуси никој не мора да исплаќа хонорар, така што симболично и може да се соопшти дека е дојдена фазата на дефинитивна смрт на авторот, која претставуваше пред повеќе децении само теоретска конструкција (во теоретскиот корпус текстови, да речеме, на Ролан Барт). Сепак, и кога би се плаќал хонорарот, се наметнува логично и прашањето – кој е сопственикот на авторските права и дали статусите воопшто, како и сите други нешта што се објавуваат на Фејсбук или Твитер се авторизирани? Дали е еден сопственикот и дали тој е познат? Дали, некој статус не се објавува веќе во следниот миг во нечија друга збирка статуси и дали се бара согласност за тоа? А, и да се добие согласност, се очекува ли за возврат, духовито речено, и виртуелен хонорар?

На крајот, нормално, никој и не ни брани да очекуваме нешто. На сите заеднички и ни останува едно – чекањето. Чекањето пред прагот на новите времиња што сигурно ќе донесат и уште многу други и нови комуникати.

Звонко Танески

Advertisements
This entry was posted in Комуникологија and tagged , , , . Bookmark the permalink.

Leave a Reply

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out / Change )

Twitter picture

You are commenting using your Twitter account. Log Out / Change )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out / Change )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out / Change )

Connecting to %s