Јазикот на кој зборуваме ги обликува нашите мисли?

Односот меѓу мислата, јазикот и реалноста е со векови предмет на истражување на многу филозофи, лингвисти, антрополози и психолози. Со секојдневната употреба на јазикот ние овозможуваме циркулација на нашите идеи, ги „читаме“ повратните информации од нашите соговорници, го осознаваме нивното значење и многу често при процесирање на информациите си „зборуваме“ сo себе и доаѓаме до логични заклучоци. Последица на оваа тесна врска е лингвистичкиот релативитет, односно Сапир-Ворфовата хипотеза која предлага дека јазикот ја определува мислата и затоа тие се по природа идентични. Овој аргумент всушност имплицира дека мислата е невозможна без јазикот. Од друга страна, некои лингвисти тврдат дека јазикот и мислата се два одделни и независни субјекти. Разликите во синтаксичката структура и вокабуларот на различни јазици не можат да го детерминираат начинот на кој говорителите мислат со што ја ставаат мислата на прво место, а потоа јазикот како средство за изразување на мислата. Сепак, други, незадоволни со ничија верзија предлагаат дека јазикот и мислата се меѓусебно зависни и гледаат на јазикот како вообичаен дел од процесот на размислување, притоа не давајќи предност ниту на едната, ниту на другата концепција, гледајќи на двете како еднакво есенцијални.

Сапир-Ворфовата хипотеза останува тема на поделени мислења бидејќи многу истражувачи сметаат дека примерите на Ворф не успеале да покажат вистински однос меѓу јазикот и мислата, додека пак други  постојано бараат начини да ја потврдат или негираат истата.

Вообичаен аргумент за хипотезата е перцепцијата на боја низ јазиците. Според хипотезата, ако еден јазик категоризира една боја поинаку од друг јазик, тогаш и различните групи говорители треба да ја перцепираат бојата различно. Во едно истражување направено во 1970-тите, истражувачи ја проучувале разликата во перцепцијата на бои помеѓу испитаници од англиско говорно подрачје и мало племе од Папуа Нова Гвинеја, Беринмо. На испитаниците од племето им биле дадени 160 различни бои и од нив било побарано истите да ги категоризираат. Тие не само што имале помалку категории, туку не успеале да ги разликуваат боите што ние ги нарекуваме зелена и сина. Но, за разлика од Англичаните биле способни да направат дистинкција помеѓу боите nor и wor кои за нас спаѓаат во нијанси на жолтата. Според истражувачите, покажувањето дека перцепцијата на боја кај групите испитаници зависи од нивното говорно подрачје резултира со поддршка на Сапир-Ворфовата хипотеза.

Сепак е повеќе од јасно дека оваа хипотеза не е несоборлива. Против тврдењето дека јазикот ја одредува мислата има многу аргументи. Експерименти со новородено бебе кое се уште нема усвоено ниту еден јазик  како предмет на истражување покажале дека бебињата се способни уште во првиот ден од нивниот живот да ги испружат рацете во насока  на визуелно воочлив предмет во движење. Овој акт на досегање го манифестира капацитетот на новороденчето за обработка на ордредени категории на информции поврзани со ситуацијата и неговите сопствени дејствувања. Бидејќи ова однесување е интенционално и има одредена цел, дејствувањето не може да биде само рефлексивно, туку мора да има рационално-когнитивен процес зад себе. Покрај тоа е покажано дека децата кои можат да кажат само поединечни зборови можат да разберат говорни структури составени од повеќе од еден збор. Според Стајнберг, фактот дека децата имаат способност да разберат говор укажува дека тие мора да ја имаат мислата која е вклучена во разбирање на говорот. Можноста за мисла без јазик се појавува и кај возрасни со полна јазична способност, особено во областа на математиката и физиката каде апстракните концепти е понекогаш тешко да се опишат со зборови, а шематски графикони се обично искористени за да се поедностават проблемите. Математичар кој боледувал од состојба наречена дислексија која му претставувала големи проблеми во читањето и пишувањето објаснил дека решил многу математички проблеми не користејќи никакви зборови. Во даден проблем каде треба да се одреди вкупниот отпор на мрежа од отпорници тој манипулирал со мрежата така што во мислите ја сечел, ја виткал и повторно ја поврзувал на начин кој јасно не би го променил целокупниот отпор со што комплицираната мрежа се поедноставува за да може да се реши веднаш и да се дојде до нумерички одговор. Овие примери ни покажуваат дека барем на основното ниво на прашањето, рационалното размислување без употреба или познавање на јазикот е можно.


Како што сега знаеме, Ворф направил многу грешки. Можеби најсериозна од сите е претпоставката дека нашиот мајчин јазик ги ограничува нашите умови и не спречува да формираме одредени мисли. Основната структура на неговите аргументи е тврдењето дека ако во некој јазик не постои збор за одреден концепт, тогаш неговите говорители нема да бидат во можност да го разберат тој поим. Ако еден јазик нема идно време, неговите говорители едноставно нема да можат да ја сфатат нашата идеја за идно време. Со оглед на тоа што нема докази дека еден јазик им забранува на говорителите да мислат нешто, треба да погледнеме  во сосема поинаква насока за да разбереме како нашиот мајчин јазик го обликува нашето искуство во светот. Познатиот лингвист Роман Јакобсон истакнува: „Суштината на диференцијата помеѓу јазиците е во она што мора да се пренесе, а не во она што не мора да се пренесе.“ Оваа максима ни ја открива вистинската сила на мајчиниот јазик: различните јазици влијаат на нашите умови на различни начини, но не така што не ни дозволуваат да мислиме одредени работи, туку преку практично обврзување да размислуваме на одреден начин.

Да претпоставиме дека сакаме да кажеме на англиски: I spent the night with a friend. Вие можете да се прашувате дали мојот придружник е машко или женско, но јас имам право да ви кажам дека тоа не е ваша работа. Но, ако зборуваме на македонски јас нема да ја имам привилегијата да го направам ова заобиколување  бидејќи ќе бидам обврзана од граматиката на јазикот да изберам помеѓу пријател и пријателка. Македонскиот јазик ме принудува да ве информирам за полот на мојот придружник. Ова, се разбира не значи дека говорителите на англискиот јазик не се во состојба да ги разберат разликите помеѓу вечери поминати со машки и женски пријатели, но значи дека не мораат да го земат предвид полот на пријателите, соседите, наставниците и мноштво други лица кога разговараат, додека пак луѓе од други јазични подрачја се обврзани да го сторат тоа. Од друга страна, Англичаните се обврзани да наведат одредени видови на информации кои можат да се изостават во други јазици. Ако сакаме да зборуваме на англиски за вечера со пријател/ка, ние нема да мораме да го потенцираме полот, но мора да откриеме информации поврзани со тајмингот на настанот. Мораме да одлучиме дали ќе вечераме, сме вечерале, вечераме итн. Кинескиот, напротив, не ги обврзува говорителите да го специфираат времето на настанот бидејќи истата глаголска форма може да се искористи за сегашно, минато и идно време. Повторно, ова не значи дека Кинезите не се способни да го разберат концептот време, туку дека не се обврзани да размислуваат за времето кога опишуваат одредена акција. Кога нашиот јазик рутински не обврзува да определиме одредени видови информации всушност не принудува да бидеме внимателни со одредени детали и аспекти на едно искуство. Бидејќи ваквите навики на говор се негуваат уште од најрана возраст, тие природно прераснуваат во навики на умот и одат дури и подалеку од самиот јазик, влијаејќи на  искуствата, перцепцијата, чувствата, спомените и ориентацијата во светот.

Во последниве години различни експерименти покажале дека граматичкиот род може да ги обликува чувствата на говорителите за предметите околу нив. Во еден експеримент, говорители на француски и шпански биле замолени да доделат човечки гласови на разни предмети во цртан филм. Кога Французите виделе слика од вилушка (la fourchette), повеќето од нив сакале овој предмет да зборува со женски глас, но Шпанците за кои el tenedor е машки род избрале машки глас.

Сепак, областа која нуди највпечатливи докази за влијанието на јазикот на мислата е просторот, начинот на кој ние го опишуваме светот околу нас.  Одредени јазици налагаат ориентирање според фиксираните географски правци, па така говорителите на овие јазици можат во било кое време да определат дека нешто се наоѓа источно од нас и точно да го посочат правецот. Еден навистина импресивен експеримет вклучува говорител на јазикот Guugu Yimithirr кој бил снимен како им раскажува на пријателите настан од неговата младост кога тој се превртел во вода со ајкули поради бура. Но, она што навистина фасцинира, покрај драматичноста на приказната е тоа што човекот ги запаметил кардиналните насоки. Ако размислувате за тоа дека човекот можеби ги измислил насоките за оваа пригода, се лажете. Истиот човек бил снимен неколку години подоцна како ја раскажува истата приказна, а насоките во двете приказни потполно се поклопувале. Уште повпечатливи биле спонтаните гестикулации кои ја придружувале приказната.

Лера Бродитски, асистент професор по когнитивна психологија на Стенфордскиот универзитет открила дека во зависност од тоа како размислуваме за просторот (со егоцентрични координати кои зависат од нашите тела – лево, десно, напред, назад или фиксирани географски правци кои не ротираат со нас како што се вртиме – исток, запад, север, југ), така размислуваме и за времето. Таа направила експеримент во кој вклучила говорители на јазикот Kuuk Thaayorre на кои им дала слики кои покажуваат временски прогресии и побарала да ги подредат во точниот временски ред. Секоја личност била тестирана два пати, соочувана со различни кардинални насоки. Македонец сигурно би ги подредил сликите од лево кон десно, а Евреин од десно кон лево што покажува дека насоката на пишување на јазикот влијае врз организирањето на времето. Спротивно на ова, припадниците на Kuuk Thaayorre ги подредиле сликите од исток кон запад кога седеле свртени кон југ. Кога биле свртени кон север ги подредиле сликите од десно кон лево, а кога седеле кон исток сликите доаѓале кон телото итн. Сето ова се случувало спонтано, односно тие ја користеле просторната ориентација за да ги конструираат нивните модели за времето.

Ова се само неколку од многуте фасцинантни откритија за лингвистичките разлики при способноста за сознавање. Но, како да знаеме дали разликите во јазикот создаваат разлики во мислата или обратно? Бродитски открива дека начинот на кој размислуваме влијае на начинот на кој зборуваме исто колку што влијае јазикот на нашето размислување. Јазикот и опшеството се толку испреплетени што е невозможно да се разбере едното без другото. Ние се потпираме на јазикот дури и кога правиме наједноставни работи како броење на точки на екран или ориентирање во мала соба. Истражувањата за тоа како јазикот кој го зборуваме ги обликува нашите мисли им помага на научниците да откријат како формираме знаење, како ја конструираме реалноста и како станавме толку паметни и софистицирани. Ова увидување ни помага да ја разбереме самата суштина на она што не прави луѓе, посочува Бродитски.

Бојана Петрова

Advertisements
This entry was posted in Куриозитети, Лингвистика and tagged , , , , , , , , , , , , , . Bookmark the permalink.

Leave a Reply

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out / Change )

Twitter picture

You are commenting using your Twitter account. Log Out / Change )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out / Change )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out / Change )

Connecting to %s