Интервју со Олгица Ѓорѓевска

Image1Олгица Ѓорѓевска е дипломиран професор по англиски јазик и литература на Факултетот за странски јазици, како и тековен постдипломец на применета лингвистика при Университетот ФОН.

 

  • Зошто се одлучивте да студирате странски јазици?

О. Ѓ.: Странските јазици не претставуваат само наука или дисциплина туку тоа е еден мост меѓу нас и културата со која сакаме да се запознаеме. Се одлучив да студирам странски јазици, односно англиски, затоа што тоа беше алката помеѓу мене и една сосема друга цивилизација каде се говори овој јазик. Со цел да ја запознаеме историјата, културата и општеството на една нација, неопходно е да им се пристапи од нивен аспект, на нивното јазично ниво или комуникација.

  • Кои странски јазици ги зборувате? Зошто тие јазици?

О. Ѓ.: Зборувам англиски како прв странски јазик и италијански како втор. Италијанскиот јазик почнав да го изучувам заради мелодијата, романтичноста и милозвучноста на истиот. Оваа есен имав можност да го практикувам италијанскиот јазик, па можам да кажам дека го зборувам на едно средно разговорно ниво.

  • Колку Ви помогна познавањето на странски јазици во процесот на вработување?

О. Ѓ.: Не можам да замислам како би било доколку не познавав странски јазик бидејќи тоа практично би ги променило сите мои работни места и целата кариера. Првото вработување или пракса ми беше на самиот Универзитет ФОН како демонстратор по фонетика и фонологија, потоа работев како професор по англиски јазик за на крај да се вработам во Американското катче во Струга, а потоа следуваше и трансфер во Скопје. Доколку не познавав странски јазик (во случајов англиски) не би можела да се пронајдам во ниедно од овие работни места.

Минатата година бев на летен универзитет во Прага како дел од Американскиот институт за политика и економија каде што основно е да зборуваш англиски јазик покрај останатите услови бидејќи учествуваат интернационални студенти од Америка, Европа и Азија. Да бидеме реални, денешното време бара многу големи прилагодувања за да бидеме вредни на пазарот на трудот каде зборувањето англиски јазик е веќе задолжително и се смета за основна квалификација покрај работењето со компјутери.

  • Од неодамна повторно се отвори Американското катче во Скопје на нова локација – Националната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ – Скопје. На кој начин функционираат Американските катчиња, што им нудат тие на студентите и како би можеле да се вклучат во нивните активности?


О. Ѓ.: Американското Катче Скопје работи веќе осма година и по извесен период ја надрасна својата локација во Градската библиотека  и по неколку месеци релокација повторно си го најде своето место во Националната и универзитетска библиотека. Во Македонија има 5 катчиња и тоа во Битола, Скопје, Тетово, Штип и Струга кои практично покриваат голем дел од територијата на нашата земја и се програма на Американската амбасада. Катчињата се ресурсни центри кои нудат изобилство на стручна литература, материјали од различни области, точни и прецизни информации за САД. Организираме различни настани, презентации со алумни на различни програми во САД, дипломати и официјални лица од Американската амбасада, работилници, вебинари и семинари и многу слични програми. Последниве неколку години нашите програми се насочени кон помош во изучувањето на англискиот јазик, преку часови по конверзација со Американци, онлајн вебинари за професори по англиски јазик, соодветна литература и сл.

Морам да истакнам дека сите наши услуги се бесплатни, па студентите единствено што треба да направат е да станат членови. Сите наши настани се отворени и може да се вклучи секој кој што е заинтересиран да ги продлабочи своите знаења.

Исто така, нашиот центар е сертифициран EducationUSA Advising Center односно нудиме информации, асистенција и совети за аплицирање на универзитети во САД односно помош при сите потребни чекори.

  • За време на студирањето бевте ли вклучени во некакви вонучилишни активности?

О.Ѓ.: За време на студирањето не бев вклучена во толку многу активности во колку што мислам дека би се вклучила доколку студирам сега. Доколку би се вратила назад, мислам дека би посветила повеќе време на волонтирање и грижа за општестевни работи.

  • Кој е Вашиот најубав спомен од студентските денови што Ви останал во сеќавање?

О.Ѓ.: Има многу сеќавања кои будат насмевки кога и да се сетам на студентските денови, меѓутоа тоа не се доживува исто кога се прераскажува. Мојот најубав спомен од студентските денови ми се пријателства со колеги и професори кои и денес ги негувам.

  • За крај, кои се Вашите препораки или совети за студентите?

О.Ѓ.: Моите препораки за студентите се да не се плашат да сонуваат малку повеќе од она што секојдневието може да им го понуди . Да бидат лојални, професионални и доследни кога ќе почнат со градење на својата кариера односно да не се задоволуваат и секој момент да го користат за свој професионален развој.

Image2

(Димитар Димитровски)

This entry was posted in Интервју and tagged , , . Bookmark the permalink.

Leave a comment