Coco Chanel, CHANEL & Chanel No5!

chanel-paris-fashion-week-spring-summer-2013-solar-panels-8

Што имаат заедничко едно сиропиталиште од XII век во централна Франција, јавањето коњи во панталони, еден руско-француски хемичар, еден нацистички офицер, Хотелот Ritz Paris, Винстон Черчил, Никол Кидман и Бред Пит? Се разбира Coco Chanel. Единствената личност од светот на модата  која е на листата на TIME на 100 највлијателни луѓе на XX век.

Франција се смета за епицентар на светската модна индустрија. Француските модни куќи диктираат модни трендови и се одговорни за пролиферација на модната лексика: silhouette, vogue, allure, bijouterie, décolleté, bretelle, étoffe, chiffon, velours, tulle, mousseline, culotte, porte-monnaie, pantoufle, tricotage, atelier, chic,… Два терминa кои навистина често се слушаат во модниот свет се prêt-à-porter и haute couture. Едноставно кажано, prêt-à-porter (спремно за носење) означува  фабричко производство на облека за секој ден во стандардни големини додека haute couture (висока мода) означува ексклузивна креација посебно направена и прилагодена за конкретен клиент од висококвалитетни материјали со екстремна посветеност на детали од страна на најискусните кројачи.

Во Франција терминот haute couture (висока мода) е заштитен со закон. Стопанската и индустриската комора на Париз ги дефинира критериумите и одредува кои модни куќи може да го употребуваат. На пример, мора да имаат работилница во Париз во која работат најмалку 20 стручни лица во редовен работен однос, да презентираат секоја сезона (printemps-été, autumn-hiver) колекции од најмалку 35 дневни и вечерни креации, итн. Истовремено оваа институција се бори против пиратеријата во модната индустрија, го утврдува временскиот распоред на модните колекции, итн.

Франција била и сеуште е дом на познати креатори и модни куќи како: Yves Saint Laurent, Christian Dior, Coco Chanel, Pierre Cardin, Christian Lacroix, Emmanuel Ungaro, Jean-Paul Gaultier, Hermès, Luis Vuitton, Céline, Givenchy, Thierry Mugler, Lanvin, Sonia Rykiel, Christian Louboutin, Lacoste, Chloé, Nina Ricci, Paloma Picasso, Paco Rabanne и многу други креатори на облека, парфеми, чевли и модни додатоци кои живеат и работат во светската престолнина на модата.

LVMH

Француската групација Christian Dior е мнозински сопственик на мултинационалниот конгломерат и најголем производител на луксузни добра во светот LVMH со седиште во Париз кој во своето портфолио има повеќе од 60 луксузни брендови (83.000 вработени и 2.400 продавници во светот) и кој покрај француските модни марки Luis Vuitton, Givenchy и Céline ги поседува и Fendi, Donna Karan, Emilio Pucci, Marc Jacobs, TAG Heuer, Sephora, Guerlain, Bulgari, Loewe, Berluti, Kenzo и многу, многу други луксузни брендови од различни дејности. Конгломератот е во доминантна сопственост на милијардерот Bernard Arnault. Француската групација PPR пак покрај Yves Saint Laurent е сопственик и на Balenciaga, Gucci, Sergio Rossi, Bottega Veneta, Stella McCartney, Alexander McQueen, Brioni, итн.

coco-chanel-wearing-her-famous-costume-jewellery-1

Но, едно име е многу повеќе од само составен дел на индустријата за луксузни добра. Coco Chanel е модна икона, симбол на иновативноста, еманципацијата на жените, неконформизмот, елеганцијата, амбицијата, талентот, визионерството, едноставноста, слободниот дух, Оваа фасцинантна, контроверзна, мистериозна жена со неизмерен талент, безвремен стил, силно чувство за бизнис и avant-garde животна филозофија не престанува да го окупира интересот на јавноста и ден денес. Напишани се многу книги, снимени се многу интервјуа, серии и филмови кои третираат различни аспекти од животот и делото на Coco Chanel. Во 2009 година филмот на Anne Fontaine “Coco before Chanel” со Audrey Tautou во главната улога беше добитник на Cêsar и имаше многу номинации за BAFTA и Oscar со што одново се насочи вниманието кон енигмата наречена Coco Chanel. Едноставно, Coco Chanel никако да стане démodé.

“Шанел е пред се стил. Модата минува, стилот никогаш.” “Chanel est d’abord un style. La mode se démode, le style jamais.” – Coco Chanel

Gabrielle Bonheur Chanel е родена во сиромашно семејство со 5 деца. Имала само 12 години кога починала мајка и и кога татко и ги пратил двете братчиња да работат, а трите сестри во религиозно сиропиталиште каде владеела ригорозна дисциплина. Сиропиталиштето било основано во XII век од католички ред кој посветувал внимание на нумерологијата, a особено бил развиен култ кон бројот 5. Целиот живот Gabrielle Bonheur Chanel се обидувала да се издигне над своето скромно потекло. По напуштањето на сиропиталиштето каде научила да шие работела како шивачка, а навечер пеела во кабаре посетувано од воени офицери. Нејзиниот прекар Coco е, според едни, алузија на познатата песна “Qui qu’a vu Coco”, а според други алузија на францускиот збор cocotte кој се користел за издржувана жена. На 23 години станала љубовница на богатиот трговец со ткаенини Étienne Balsan и шапките кои ги декорирала во неговата париска garçonnière ги продавала на париската елита која се собирала во неговиот стан. Покасно започнала афера со неговиот пријател Arthur “Boy” Capel кој го препознал големиот бизнис потенцијал и го финансирал отворањето на нејзиниот прв самостоен бутик “Chanel Modes” во 1913 година. Набрзо отворила уште два бутика во градовите Deauville и Biarritz. Тоа е почетокот на создавањето на модната империја CHANEL. За ширење на бизнисот надвор од Франција и етаблирање во сегментите парфеми и накит и помогнал познатиот инвеститор Pierre Wertheimer со кого ја изградила бизнис империјата, но личната релација меѓу нив, и нејзината релација со неговите наследници, идните сопственици на брендот CHANEL, била секогаш многу проблематична.

Првата светска војна силно се одразила на европската модна индустрија. Се појавил недостиг од материјали и социо-економска мобилизација на жените во фабриките и на полињата. Производителите на облека се насочиле кон производство на практична и заштитна облека со која жените можеле да работат. Едноставната и функционална облека на CHANEL станала позната и барана во цела Франција. Чистите, иновативни линии на дизајнот на Coco Chanel им овозможувале на жените да водат активен живот што поттикнало револуција во женската мода.

Заедно со Paul Poiret (чиј придонес во модата на XX век се споредува со придонесот на Picasso во сликарството на XX век) се сметаат за ослободители на жената од, меѓу другото, стегите на корсетите (corset е деривација од старофранцускиот збор corps – тело од латинскиот збор corpus – тело). Корсетите од времето на Belle Époque го стегале градниот кош и струкот и на жената и создавале силуета на песочен часовник. Како голем љубител на играњето голф и тенис, а особено на јавањето коњи Coco Chanel дизајнирала панталони за јавање со кои им дала на жените поголема слобода на движење. Жените до тогаш морале да јаваат во долги, тешки здолништа седнати на едната страна на коњот. Панталоните на Coco Chanel истовремено фасцинирале, шокирали и ужаснувале затоа што жени во панталони за многумина во западното конзервативно општество било нешто сеуште неприродно и крајно неженствено.

“Никој не е млад по четириесет години, но може да се биде неодолив на секоја возраст.” “Personne n’est jeune après quarante ans mais peut être irrésistible à tout âge.” – Coco Chanel 

По завршувањето на војната CHANEL веќе имала 300 работници и Coco Chanel била во можност да ја исплати инвестицијата на својот љубовник Arthur “Boy” Chapel расчистувајќи еднаш за секогаш со статусот на издржувана жена. Неговата смрт во автомобилска несреќа длабоко ја погодила и ја натерала да и се предаде на работата. Во 1921 година го отворила седиштето на CHANEL на елитниот Place Vendôme во Париз. Истата година Coco Chanel, позајмувајќи елементи од машката мода, го презентирала сега веќе легендарниот костим Chanel кој бил елегантен, модерен, софистициран, женствен и истовремено комфорен и практичен. Нејзини изјави од тоа време се дека: “La véritable élégance, ce n’est pas le luxe, mais la simplicité” (“Вистинската елеганција не е луксузот, туку едноставноста“) или “Le luxe doit être confortable, sinon ce n’est pas dе luxe” (”Луксузот мора да биде комфорен инаку не е луксуз“).

Освен во светот на модата, Coco Chanel била популарна и на париската литерарна и уметничка сцена. Таа дизајнирала костими за Рускиот Балет, била пријателка на Jean Cocteau, Pablo Picasso, Salvador Dali, Toulouse Lautrec, Auguste Renoir, Marcel Proust, Mallarmé и др. интелектуалци и боеми, а некое време била во врска и со рускиот композитор Igor Stravinsky. Била љубовница на моќниот Војвода од Вестминистер, најбогатиот Британец во тоа време, кој сакал и да ја напушти сопругата за да се венча со Coco Chanel, но на неговата брачна понуда одговорила: “Il y a eu plusieurs duchesses de Westminster, il n’y aura jamais qu’une seule Coco Chanel!” (“Имало многу војвотки од Вестминистер, но секогаш ќе има само една Коко Шанел”).

tumblr_lgyju1LkSw1qaimvgo1_500

“Ако на прием и се каже на една жена: Колку убав фустан! Тој фустан е неуспешен. Но, ако се каже: Колку убава жена! Тој фустан е успешен.“ “Dans une réception, si l’on dit à une femme : Quelle belle robe ! c’est que sa robe est ratée. Mais si l’on dit : quelle belle femme ! C’est que sa robe est réussie.” -Coco Chanel

Во 1921 година CHANEL нарачала изработка на парфем. Tокму првиот парфем Chanel No5 e влезен во аналите не само на парфемската индустрија туку и во аналите на рекламната дејност. Тоа е прв парфем во светот кој го носел името на дизајнерот. Парфемот бил исклучително важен дел од животот на Coco Chanel. За неа: “Une femme sans parfum est une femme sans avenir.” (“Жена без парфем е жена без иднина”).

Coco Chanel го доверила создавањето на хемиската формула за нејзиниот прв парфем на руско-францускиот хемичар Érnest Beaux кој бил креатор на парфеми за дворот на царевите на Русија. Тој бил човек кој водел привилегиран живот како син на сопственик на угледна козметичка и парфемска индустрија. Тој станал првиот “nez” (нос) на CHANEL. Носевите  и денес се сметаат за врвни мајстори уметници. Тие го користат својот нос како инструмент за создавање парфеми. Најголемиот дел живеат и работат во градот Grasse во Јужна Франција, светската престолнина на парфемската индустрија и место каде се врши едукација на носеви. Носевите се способни да запомнат, изолираат и идентификуваат околу 3000 различни мириси. Работат неколу часа дневно, не смеат да јадат лута или зачинета храна која може да им се одрази на сетилото за мирис. Потребни им се месеци и дури години за да направат една совршена мешавина. Елитни носеви има околу 50 во светот и нивниот труд е многу платен затоа што тие ги диктираат трендовите во парфемската индустрија. Постои вистинска војна помеѓу луксузните брендови за елитни носеви, а некои елитни носеви неколку децении работат ексклузивно за одреден луксузен бренд. Érnest Beaux бил првиот “нос” на Coco Chanel.1792-127076

Кога Érnest Beaux го создавал Chanel No5 тој експериментирал со цветови од роза, јасмин, ирис и мошус. Но револуционерната новина на Érnest Beaux при создавањето на Chanel No5 била (намерно или ненамерно) употребата на алдехидите, органски соединенија кои се покажало дека дејствуваат како засилувачи на мирис. Со примена на синтетичките засилувачи на мирисот Érnest Beaux овозможил да се намалат трошоците за создавање парфеми и повеќе да не бидат привилегија само на богатите.

grasse

Кога работел на Chanel No5 Érnest Beaux и презентирал на Coco Chanel серија од 10 стаклени епрувети нумерирани од 1 до 5 и од 20 до 24 кои биле варијации на истото хемиско соединение. Taa го одбрала примерокот No5 изјавувајќи дека токму тоа го чекала, парфем со мирис на жена! Размислувајќи како да го нарече парфемот Coco Chanel која била длабоко суеверна жена изјавила дека секогаш ја лансира модната колекција на 5 мај, мај е петтиот месец во годината, бројот 5 секогаш и носи среќа и затоа го одбрала името No5 како што стоело на епруветата.

Coco Chanel самата го дизајнирала шишенцето на парфемот, едноставно и транспарентно, затоа што рекла: L`intérieur est beaucoup plus important que l`extérieur! (“Внатрешноста е многу поважна од надворешноста”). Првите 100 шишенца Coco Chanel им ги поклонила на своите богати клиенти кои ги поканила на вечера и на тој начин се родил митот за парфемот Chanel No5. Во една прилика Coco Chanel изјавила: “Le parfum est l’invisible, inoubliable, accessoire ultime de la mode …. qui annonce votre arrivée et qui prolonge votre départ ” (“Парфемот е невидливиот, незаборавниот, последниот моден додаток,…. кој го најавува вашето доаѓање и го пролонгира вашето заминување”).

chanel-No5-bottle

Во 1926 година го презентирала веќе култниот мал, црн фустан (Petite Robe Noire) со ¾ ракави и прав крој од кој се губат облините на женското тело употребувајќи боја која се поврзувала до тогаш речиси ексклузивно со периодот на жалост и покажала колку chic може да бидат црните вечерни тоалети. Според Coco Chanel секоја жена мора во својoт armoire или garderobe да има по еден мал, црн фустан. Едноставната облека секогаш ја надополнувала со богати додатоци како, на пример, култните Шанелови бисери. Притоа промовирала мода на кратка коса (со што директно се спротивставила на естетиката на Paul Poiret) и речиси андрогин и анорексичен изглед на моделите за што била многупати критикувана. Coco Chanel  се вратила исончана од годишен одмор на Северното море и предизвикала шок во високото општество затоа што промовирала исончан изглед кој до тогаш се поврзувал само со жени кои работат на поле, а никако со жени од аристократските кругови.

За време на Втората светска војна и окупацијата на Франција од нацистите Coco Chanel ја затворила CHANEL (со исклучок на накитот и парфемите) и се вселила да живее во апартман на седмиот спрат во Hôtel Ritz Paris со својот љубовник, нацистичкиот офицер Hans Günther von Dincklage. Според декласифицирани документи од германските архиви и архивите на британското MI6, Coco Chanel била регрутирана како шпион со таен број Ф-7124 и со кодно име “Westminister”. По ослободувањето била уапсена како соработник на нацистите, но набрзо била ослободена по мистериозна интервенција лично на Винстон Черчил. Бидејќи не се чувствувала безбедно во Франција каде многумина ја доживувале како предавник таа пребегнала со својот љубовник во Швајцарија во егзил. Во Франција се вратила дури по една деценија во 1953 година и ги затекнала парижанките занесени од новиот изглед промовиран од креаторот Christian Dior. Првата колекција и била лошо примена затоа што одела во спротивност на естетиката на Christian Dior, но иако имала 71 година успеала да се соочи со предизвикот и со лансирањето на костимот од твид со должина на здолништето до под колена, со четири џеба на палтото како инспирација од воениот стил, декорирано со копчиња од бижутерија и контрастен пораб, со свилена блуза во иста боја како и поставата, двобојни чевли и мала чанта со златен ланец да создаде нов изглед кој и овозможил успешно да ја врати куќата CHANEL во самиот врв на меѓународната модна сцена и дури да го освои модниот Оскар во 1957 година во  Далас (САД).

Новиот изглед бил копиран насекаде низ светот и CHANEL ги облекувала најголемите ѕвезди како Роми Шнајдер, Елизабет Тејлор, Џеки Кенеди, Жана Моро и Мерлин Монро. Во една пригода Мерлин Монро на новинарско прашање што носи во кревет наивно (или не?) одговорила: “Неколу капки Chanel No5”. Одговорот на Мерлин Монро станал моќен рекламен слоган за парфемот Chanel No5.

Последните години од животот Coco Chanel ги поминала во интензивна работа  (ги креирала униформите на, во тоа време, луксузната авиокомпанија Olympic во сопственост на Аристотел Оназис) изреволтирана од новата мода на мини здолништа кои ги откривале женските колена (според Coco Chanel најгрдиот дел од женското тело) и хипи движењето. Coco Chanel починала на 10 јануари 1971 година кога имала 78 години во нејзиниот апартман во Hôtel Ritz Paris. Апартманот и денес го носи нејзиното име.

Ritz-Paris-Coco-Chanel-Suite

“Кога ме прашуваат за возраста, одговарам: По 50-та година, тоа зависи од денот.“ “Quand on me demande mon âge, je réponds : Après 50 ans, ça dépend des jours” – Coco Chanel

Jacques Wertheimer, внукот на долгогодишниот бизнис партнер на Coco Chanel, донел неколку храбри одлуки со цел да го врати престижот на брендот изгубен за време на раководењето на неговиот татко кој повеќе се интересирал за одгледувањето расни коњи отколку за модната индустрија. Тој го убедил Karl Lagerfeld да ја напушти модната куќа Chloé и да стане креативен директор на CHANEL со што отворил врата кон многу нови успеси.

fashion-4444-11 (1)

Тој исто така ги повлекол сите парфеми Chanel No5 од супермаркетите и ја вратил перцепцијата за Chanel No5 како луксузна марка. Ангажирал познати лица да го рекламираат Chanel No5 и до сега како заштитни лица се појавиле Marilyn Monroe, Catherine Deneuve, Carole Bouquet (инкарнација на идеалната Французинка според Французите), Estella Warren и во последната декада, Nicole Kidman и Audrey Tautou.

Chanel No5 сеуште е најпознатиот и најпродаваниот парфем во светот. Се продава по едно шишенце Chanel No5 на секои 30 секунди. Рекламата за Chanel No5 со Nicole Kidman е најскапата снимена реклама во историјата на рекламниот бизнис. Таа претставува продажен излог на целата палета производи од модната куќа CHANEL. Baz Lurhmann, познатиот режисер на наградуваниот филм Moulin Rouge, е автор на рекламата која трае 2 минути и чини фантастични 23 милиони долари. Креативниот директор на CHANEL, Karl Lagerfeld, создал 5 величенствени креации за потребите на рекламата. Секоја чинела приближно по 150 000 долари. Накитот во рекламата е проценет на 45 милиони долари. Ланчето со логото на парфемот Chanel No5 на крајот од рекламата е со должина од 1 метар и е направено од бело злато опточено со 320 дијаманти.

Последна новина во врска со парфемот Chanel No5 е најавата во мај 2012 година за ангажирањето на Brad Pitt за рекламирање на Chanel No5. За прв пат во цели 91 година постоење рекламирањето на најпознатиот женски парфем во светот се доверува на маж. Според портпаролот на CHANEL за да се одржи легендата во живот поребно е секогаш да се менува перцепцијата.

brad_pitt_pour_chanel_n__5_393022562_north_545x

Исто така, куќата CHANEL во март 2013 година најави дека по повод 100 годишнината од создавањето на CHANEL Кира Најтли која е заштитно лице на Chanel Mademoiselle ќе ја глуми Коко Шанел во краткиот филм кој ќе го режира лично креативниот директор Карл Лагерфелд.

CHANEL денес брои повеќе од 1.200 вработени и во 2011 година има остварен промет од 1,8 милијарди евра. Сеуште е еден од најпрепознатливите и најпочитувани брендови во светски рамки и сведоштво за животот и делото на една несекојдневна Французинка.

 (Наташа Алексоска)

Извори и дополнителни информации:

http://www.biography.com/people/coco-chanel-9244165?page=2

http://www.fashionencyclopedia.com/fashion_costume_culture/Modern-World-1930-1945/Trousers-for-Women.html

http://www.top-fashion-designers.info/french-fashion-designers.html

http://www.lefigaro.fr/lefigaromagazine/2009/04/18/01006-20090418ARTFIG00191–il-etait-une-fois-coco-chanel-.php

http://fr.wikipedia.org/wiki/Coco_Chanel

 

Advertisements
This entry was posted in Култура, Куриозитети and tagged , , , , , . Bookmark the permalink.

Leave a Reply

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out / Change )

Twitter picture

You are commenting using your Twitter account. Log Out / Change )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out / Change )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out / Change )

Connecting to %s