Дон Кихот бил „фрики“

 Фудбалскиот жаргон беше пионер со „el penalti”, „el corner” и „el orsai” (офсајд). Потоа дојдоа „el sándwich”, „el sidecar” и „el parking”. Во осумдесеттите години на ХХ-от век станува тренд да се кажува дека има „overbooking” кога некое место е преполно со луѓе и дека некој е „missing” ако не се знае каде е. Од многу одамна шпанскиот јазик позајмува зборови од англискиот, но во последнава декада, со развојот на интернетот, честите патувања во странство и сателитските телевизии, внесувањето нови зборови од овој јазик е значително поголемо, особено кај младата полулација.

 Во земја како Шпанија, во која половина од популацијата не го говори јазикот на Вилијам Шекспир и Викторија Бекам, да се уфрли некое англиско зборче ваму-таму, дава еден модерен шмек, нè прави светски граѓани. Зборот „casual” (со акцент на првото а) се користи за неформална облека или вечера; „trendy” за модерен клуб или ресторан или „cool” за нешто што ни се допаѓа, нешто што е супер, наместо да се користат кастилјските значења на зборовите понудени во англиско-шпанскиот речник „Колинс“.

Зоштo cè ни звучи подобро на англиски? Дали кастилјскиот јазик, збогатен со минувањето на времето, сепак има потреба од нови извори за да биде попрецизен, поубав или пак позабавен?

Писателот Антонио Муњоз Молина верува дека зад овој феномен стои „мешавина од глумење, стремеж да си модерен и комплекс на културна инфериорност“, но истакнува дека не е соодветно да се биде екстремен чистотник во јазикот“. Некои зборови едноставно мора да се користат и нема ништо страшно во тоа да се каже „software” или „email”, вели авторот на делото „Во маглите на времето“. „Во англискиот јазик многу природно се интегрираат зборови од други јазици, меѓу нив и од шпанскиот. На здрав јазик воопшто не му сметаат изолирани зборови дојдени од други такви зборови“.

Зак Тобијас, професор по англиски јазик од Мадрид и автор на блогот hablamejoringles.com, верува дека користењето зборови од други јазици си има свои предности. Тобијас, инаку американец, истакнува дека преземањето зборови од други јазици не е нешто што е карактеристично само за шпанците: „Отсекогаш ме изненадувал бројот на англиски зборови, на пример во францускиот јазик и тоа се случува веќе подолг период. Англискиот јазик секогаш земал зборови од други јазици, така што и ние не сме многу добри во зборувањето странски јазици“.

За Хавиер Медина Лопез, професор на Универзитетот „Ла Лагуна” и автор на „Англицизмите во модерниот шпански јазик” („Арко Либрос”), економското влијание на земјите од англосаксонските земји е одлучувачка. „Заедно со економијата оди социјалниот престиж кој таа култура го има“, смета тој. „Денес, младите исто како и пред многу години, гледаат и сфаќаат дека постојат јазици со поголем социјален углед“.

Кармен Галан, професор по лингвистика на Екстремадурскиот универзитет, исто така смета дека користењето на толку англиски зборови е пред сè прашање на престиж. „Да ги накитиш со странски орнаменти предметите и случувањата им дава еден специјален ефект кој им недостига на секојдневните нешта“, потврдува Галан која сето ова го сфаќа на еден многу хумористичен начин. „Не е исто да кажеш una caja de leche (пакет млеко) и un pack; со selfservice добиваш повеќе храна, а можеш да добиеш и репете; и килограмите побргу се топат ако се консумира храна што е light, ако се практикува jogging или footing или пак ако редовно се посетува un sport center каде можеш да вежбаш body fitness, gym-jazz или heavy dance и покрај тоа што el step (степерот) со кој се мачиме на селска музика не е ништо повеќе од една пластична скала на која изведуваме демонски танци и избезумено и истоштено се обидуваме да да ги затегнеме нашите млитави тела“.

Многу пати, адаптирањето на англиски збор носи со себе интересни мутации. Зборови како „friki” („freaky” на англиски), се менуваат така што од придавка во оригиналниот јазик, стануваат именка во шпанскиот за да означи личност која е чудна и екстравагантна“, според една од дефинициите ставена пред неколку денови од страна на Шпанската кралска академија во дигиталната верзија на речникот. „Дечконо е friki”, се вели. А може и обратно – именка како „fashion” („moda” на шпански) станува придавка за да опише личност која се облекува по последна мода: „таа е многу fashion девојка“. Или пак: „таа е superfashion девојка“. Многу често зборовите на англиски се претвораат во еуфемизми: „suena mejor” (звучи подобро) станува „es más cool” („покул е”), „ser single” (да си без партнер) наместо шпанскиот еквивалент „ser soltero“, наместо да купуваш „ropa usada” (користена облека), сега купуваш „ropa vintage” или пак да си дел од „el staff” (персоналот), а не „de la plantilla de una empresa”. Исто така денес не патуваме со „línea aérea barata” (евтин лет) туку со „una low cost” и не плаќаме „en efectivo“ (во готовина) туку „cash”.

Хавиер Медина од Универзитетот „Ла Лагуна“ верува дека во еден толку менлив и осцилирачки свет во однос на патувањата, работата, културата и брзата размена на информации, многу малку луѓе се грижат дали е правилно или не да се користат само шпански зборови. „Прашањето за лингвистичката совесност е клучна тука, како и односот кон јазикот. Младите имаат примери, идоли кои многу пати зборуваат, мислат и се движат на англиски, така што имитацијата е многу природна во такви услови”.

Кармен Галан вели дека со користењето англиски зборови, ние шпанците си мислиме дека сме интегрирани во мултилингвалната Европа. „Го имаме чувството, го имаме идиоматскиот костум, но неговата внатрешност не е доволно проветрена“, потврдува таа. „Не верувам во стереотипот мене не ми одат јазици, користен од многу шпанци, затоа што едноставно не е возможно децата да учат англиски уште од мали, а едвај прозборуваат четири зборови. Имаме англиски кој не го користиме практично затоа што ги избегнуваме ситуациите кои го бараат тоа од нас“.

Моќта на земјите од англиско говорно подрачје во комуникацијата, технологијата и науката е уште еден фактор според експертите. Зак Тобијас потсетува на огромниот број на нови концепти и продукти кои постојано ни доаѓаат од места каде што се говори англиски. Понекогаш, вели професорот по англиски, англиските зборови искажуваат многу со малку и затоа лесно се присвојуваат. „Многу е полесно да кажеш email отколку correo electrónico. Сигурно има шпански збор за smartphone, но кој го знае?!”.

Користењето англиски зборови е посебно парадоксално во Шпанија, затоа што е лулката на еден од најзборуваните јазици во светот и затоа што нејзината популација е една од оние кои најлошо зборуваат странски јазици. Според „Еуростат“, половина од шпанците признаваат дека не зборуваат странски јазик. Од европските земји вклучени во рангирањето на „Education First“ (EF), Шпанија и Италија се единствените кои не положуваат англиски јазик.

Муњоз Молина ја гледа вината за лошиот англиски на шпанците во натсинхронизацијата во филмовите. „Тоа културно зло за кое сме специјалисти“. Според него, натсинхронизирањето му прави многу поголема штета на шпанскиот јазик отколку било кој странски збор.“ „Да не зборуваме за многу преводи, направени набрзина од страна на непознавачи на англискиот јазик и како последица од тоа се прават континуирани грешки со таканаречените „false friends” и синтаксичките калки“.

Зак Тобијас се сложува со тоа: „Во шпанските медиуми речиси и не може да се чуе странски јазик. Интервјуата и говорите на претседателите од други земји се натсинхронизираат. Сега барем може да се одбере јазикот на многу филмови и серии, но за жал речиси сите се на шпански и поголемот број шпанци веќе се навикнати на натсинхронизирањето и го бираат тоа наместо титли. Најважно од сè е дека во Шпанија англиски се слуша многу малку и тоа е еден од главните фактори“.

Хавиер Медина, барајќи објаснување, се навраќа во времето на изолацијата на Шпанија, епоха во која „да се биде шпанец значеше да се откажеш од сето она кое имаше сомнителна странска жичка, вклучувајќи го и јазикот” – вели тој. „Сега, кога дигиталната телевизија овозможува да се гледаат филмови во оригиналната верзија, баш би сакал да знам колку шпанци ја пуштаат англиската верзија, со или без титли. Сигурно малку“.

Тобијас обвинува некој друг – системот за образование. „На часовите по англиски многу повеќе се обрнува внимание на пишувањето отколку на изговорот и оралната комуникација“, вели тој. „Повеќето од моите ученици имале професори кои не го владеат јазикот и кои им ги пренесувале сопствените грешки. Тие се претвораат во пороци од кои е многу тешко да се откажеш. Нативните професори по англиски во Шпанија, поголемиот дел од времето го поминуваме во поправање на ваквите грешки“.

Грешки како давање англиско значење на слични кастилјски зборови. Таков е случајот со „bizzaro” (на англиски „bizzare”), збор кој многу често се користи за да се посочи нешто чудно, невообичаено. Според Шпанската кралска академија, „bizzaro” значи храбар, силен, дарежлив, јасен, прекрасен, но никогаш чуден. Особено привлекуваат внимание хибриди како „made in Spain”, кои ги мешаат шпанскиот и англискиот за да создадат нов збор. Таков е и случајот со „puenting” (скокање со банџи) или „vending” (продавање), веќе интегрирани во спортскиот и економскиот сленг. Исто така, може да се додадат „hoteling”, „compring” (купување), „tumbing” (да се струполиш).

Користењето англиски зборови е сé почесто на улица, но и во медиумите. Скоро сите претходно спомнати зборови се имаат појавено последниве месеци во „Ел Паис”. „Un friki a la fuerza” („Будала сосила“) беше насловот во делот „Мадрид“. Додатокот „Ел Вијахеро” објави текст со наслов „Un brunch de lo más cool”, рецензија за мешањето на појадокот („breakfast”) и ручекот („lunch”) во еден мадридски хотел. „Del menú trendy al sabor Matisse” („Од тренди мени до Матис вкус“) беше почетната фраза во една репортажа за рестораните во мадридските музеи. Понатаму, блог за љубовта кон велосипедите во истиот весник се вика „I love bicis”.

Што можат да направат медиумите за да се спречи оваа инвазија и да се сочува јазикот? Муњоз Молина препорачува нешто едноставно: „Да се биде внимателен. Да се уредува. Да се поправа. Да се цени преведувањето. Да се проверат странските зборови и тоа не само англиските, пред да се објават. Просто вчудоневидувачки е бројот на лошо напишани имиња и зборови од други јазици. А денес е толку едноставно со „Гугл“.

Дали сите ние – шпанци, французи, италијанци, руси… ќе завршиме зборувајќи хибриди од нашите сопствени јазици и англиски? Хавиер Медина не верува дека постои дегенерација на јазикот. „Да се зборува за дегенерација укажува дека постои совршен модел кој се деградира затоа што постои друг или не му дозволува влез во системот“, вели професорот од Универзитетот „Ла Лагуна“. „Дали стариот шпански не дозволи во неговата структура да влезат арапски, италијански, француски, американски зборови…? Дали се упропасти поради тоа или само се збогати? Ова е многу важно прашање. Зборувачите го одбираат она што најмногу им одговара за целта која ја има јазикот – комуникацијата“.

Кармен Галан се решава за прагматизам: „Немаме друг избор освен да ја прифатиме новата лексика ако не сакаме да изгледаме старомодно, „offline“, „out”.

Превела од шпански: Симона Соколовска

Извор: „Ел Паис”

http://sociedad.elpais.com/sociedad/2012/06/30/actualidad/1341076170_935785.html

Фотографија: Дон Кихот и Вилијам Шекспир. / SCIAMMARELLA

Advertisements
This entry was posted in Uncategorized and tagged , , . Bookmark the permalink.

One Response to Дон Кихот бил „фрики“

  1. Интересен избор на текст за превод Симона и во таа насока може да се прочита и алармантната статија од “El confidеncial” под наслов “Во Лондон не не оставаат ниту да служиме по маси. Не знаеме англиски.” која може да се најде преку следниот линк: http://www.elconfidencial.com/alma-corazon-vida/blogs/pase-sin-llamar/2012/11/30/en-londres-no-nos-dejan–servir-mesas-no-sabemos-ingles-110230/

    (Наташа Алексоска)

Leave a Reply

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out / Change )

Twitter picture

You are commenting using your Twitter account. Log Out / Change )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out / Change )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out / Change )

Connecting to %s