„Глава на жена“ – маестрално дело на Пикасо во Македонија непознато за јавноста

Image

Пабло Пикасо – „Глава на жена“ (1963)

Оригиналната слика на Пабло Пикасо – „Глава на жена“ – подарена од шпанскиот мајстор-сликар, никогаш не видела дневна светлина. Градот Скопје ја поседува уште од 1963-та година. Пикасо, трогнат од трагичниот земјотрес кој го погоди македонскиот главен град, ни подари една од своите најценети слики. Повеќето Македонци се сосема несвесни дека поседуваме оригинална слика на Пикасо. Ниту се свесни дека истата слика беше украдена во 1971 год. што ја направи славната слика уште пославна. Интензивната истрага за ремек-делото резултираше со успешно апсење во Франкфурт (Германија) каде Интерпол ги фати крадците и сликата беше вратена во Скопје.

Сликата во моментов се чува на тајна локација во Скопје, а се очекува да биде изложена во скоро време по изработка на детални планови за можна локација, презервација и безбедност. За вредноста на сликата може само да се шпекулира, но се знае дека помалку познати слики на Пикасо се продадени за 25-50 милиони евра во лондонскиот Сотесби (Sothesby).

Image

Пабло Пикасо

Пабло Руис Пикасо (1881-1973) е шпански сликар, скулптор и сценограф од Малага (Шпанија) кој поголемиот дел од својот живот го поминал во Франција дружејќи се со широк круг на интелектуалци (сликари, книжевници, глумци, критичари итн.) кои се собирале во Бато Лавуар на Монмартр во Париз, каде Пикасо и Хуан Грис имале свои атељеа. Оваа група била сочинета од познати луѓе како Андре Бретон, Гијом Аполинер, Гертруда Штајн, Жан Кокто и многу други.

Со својата генијалност се смета за  велемајстор на уметноста на 20-от век. Тој заедно со Жорж Брак се основачи на кубизмот како сликарски правец и негови најистакнати дела се: „Госпоѓиците од Авињон“ (Les Demoiselles d’Avignon, 1907) и секако „Герника“ (Guernica, 1937) која ја претставува нехуманоста, бруталноста и безнадежноста на војната. Едно обично априлско утро во 1937 година црковните ѕвона на „Санта Марија“ дале знак за тревога. По само неколку часа 25 авиони бомбардери исфрлиле огромно количество на експлозив и проектили со што го срамниле градот Герника со земја. Имало над 1600 погинати, а во тоа време дивеела граѓанската војна во Шпанија. Пикасо ужаснат од воените катастрофи ја насликал, денес познатата „Герника“ симболично претставувајќи известување од весник (поради црно-белиот колорит) од далечната 1937 како потсетник за човечкото патење и ужас од војната. „Герника“ буди измешани чувства бидејќи на прв поглед се чини мрачна и студена, но кога ќе се разбере пораката таа станува блиска и хумана. Голем број години сликата била изложена во Музејот на современа уметност во Њујорк и Пикасо не дозволувал сликата да биде вратена во Шпанија сѐ додека не биде повторно воспоставена демократијата. Постхумно сликата била вратена во Шпанија во 1981-ва година и оттогаш е една од главните атракции на мадридскиот музеј Кралицата Софија (Reina Sofía).

Image

Пабло Пикасо – „Герника“ (1937)

Два периоди го заземаат централното место во опусот на Пикасо, а тоа се синиот и виолетовиот период во неговото сликарство. Синиот период е карактеристичен за делата кои биле создадени помеѓу 1901 – 1904 година. Делата од синиот период се главно инспирирани од Шпанија, насликани во Париз и тоа се неговите најпознати дела – монохроматски слики во сина или сино-зелена боја со мали примеси од други бои за да се комплетира нивниот изглед. Овие дела од синиот период ги претставуваат искуствата на Пикасо со сиромаштијата портретирајќи бездомници, питачи, стари, изнемоштени и слепи лица. Виолетовиот период е присутен во делата помеѓу 1904 – 1906 година. Во виолетовиот период, Пикасо користи повеќе доминатни бои кои ги спротивставува за да ја прикаже деликатноста на портретот и акцентот е поставен централно.

Два-три збора за кубизмот

Сѐ се сведува на геометриски фигури и шеми. Потегот е безживотен, бојата неутрална, светлината дифузна и сликата тежнее кон тоа да биде безлична, монохромна, аскетска. Брак и Пикасо, поттикнати од новите научни методи во градењето на сликата, примитивната скулптура и новите научни сознанија за просторот формирале нов правец во сликарството наречен кубизам, следбеник на реализмот во уметноста. Тие ја анализирале формата, ја расчленувавале и повторно ја составувале. Ги сликале разните страни на еден ист предмет спојувајќи го во една единствена слика. Уметниците првенствено биле преокупирани со формата, но подоцна внеле во сликата простор и боја користејќи сиви, окер и кафеави тонови. Кубизмот како движење завршува во текот на Првата светска војна, но неговите траги се чувствуваат и подоцна во делата на некои уметници како Лихтенштајн, Кунинг, Полок, Горки и многу други.

Галеријата Остен во Скопје поседува 66 дела на Пикасо

Збирката претставува колекција од цртежи, графики и керамика од славниот Пикасо. За првпат по повод Денот на Европа, 9-ти мај 2012, јавноста можеше да ја види несекојдневната изложба која освојуваше од самото влегување во галеријата. Дела на Пикасо претставуваат пресек помеѓу современото сликарство и графитите, живописни слики кои како да преминуваат од платното во реалноста. Остен поседува дваесетина графики, изработени во различни техники, но најголемиот број во длабок печат и литографија.

Можност да ја посетат оваа изложба имаа и група студенти по шпански јазик од Факултетот за странски јазици. На мое големо задоволство еден од тие студенти бев и јас. Поставката воодушевуваше во секој поглед. Нескротливиот стремеж на Пикасо за себеизразување, барајќи нови форми, својствени на неговата душевна состојба, создава стихија од видови и жанрови: слики, цртежи, акварели, графики, колажи, скулптури, сценографии, мајолики, керамики и илустрации на книги. На секој од нив, Пикасо се оддава со вистинска страст и им посветува внимание; тоа резултира со искреност и со вештина на мајстор. Неговите дела се раширени низ целиот свет, а секојдневно се зголемува нивната вредност.

Image

За крај неколку познати мисли од Пикасо:

El arte es una mentira que nos acerca a la verdad. (Уметноста е лага што нè води поблиску до вистината.) 

Yo no digo todo, mas pinto todo. (Не велам сè, но сликам сè.) 

Todo niño es un artista. El problema es cómo mantenerse siendo niño una vez que se ha crecido. (Секое дете е уметник. Проблемот е како да се остане дете кога ќе се порасне.)

 Yo no busco, yo encuentro. (Јас не барам, јас наоѓам.) 

Yo no evoluciono, yo soy. (Јас не еволуирам, јас сум.)

(Димитар Димитровски)

Извори:

http://www.msuskopje.org.mk/msu.php?mode=art&mid=9&id=27&artid=67

http://www.utrinski.com.mk/?ItemID=5C7A224775EB01449D7A7AB3959FE06C

http://www.vecer.com.mk/default.asp?ItemID=DE59903239DFAC4DB65B3BF7ABA32EC6

http://preminportal.com.mk/content/view/9999/77/

http://www.idividi.com.mk/vesti/makedonija/441934/

Advertisements
This entry was posted in Култура and tagged , , , , , . Bookmark the permalink.

Leave a Reply

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out / Change )

Twitter picture

You are commenting using your Twitter account. Log Out / Change )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out / Change )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out / Change )

Connecting to %s