МОНАКО: луксуз, луксуз и луксуз !!!

Image

На површина од само 2 км2 на францускиот Азурен брег живеат 50 милијардери и 2.000 милионери!!!

Монако е една од најмалите држави, но со највисок номинален БДП по глава на жител во светот, со 0% стапка на невработеност, со 0% данок на приход, со 100 милијарди евра банкарски депозити, со најскапи недвижности на планетава и со најдолг животен век на населението. Дали знаевте дека холивудската дива Грејс Кели беше принцеза на Монако? дека Боно од У2 и Новак Ѓоковиќ се жители на Монако? дека единствената (и најопасна) F1 Grand Prix трка во градски услови се вози низ тесните и виулести улици на малото Монако? и дека најпознатото казино во светот Grand Casino de Monte Carlo е помалку познато само од дефилето на суперавтомобили пред неговите порти? дека со 7 егзотични градини и паркови Монако е најзелениот град во светот после Виена? Дека во ресторанот Louis XV Alain Ducasse можете да нарачате не цела туку 1/2 порција салата што ќе ве чини 65 € ?! Монако е уникатна приказна за убавината, луксузот и визионерството.

Кнежевството Монако (Principauté de Monaco) е суверена држава која се наоѓа на францускиот Азурен брег (Côte d’Azur) во близина на градовите Ница, Кан, Грас и Сан Тропе. Со површина од само 2 km2 (за да стекне повеќе територијата оваа микро држава врши рекламација на земја од морето со што до сега ја зголемила својата територија за 20%) и население од 36 илијади жители (од кои само 6 илјади се изворно население, останатите се доселеници од 125 различни националности како Ринго Стар од Битлси, Боно од У2, Новак Ѓоковиќ, Луис Хамилтон, Џина Лолобриџита, Мохамед Ал-Фајед итн.) Монако е втората најмалечка и најгусто населена држава во светот. Најпознат и најнаселен кварт (quartier) е Monte Carlo. Монако е уставна монархија на чие чело е Принцот Алберт II од кралската лоза Грималди кои, со мали прекини, владеат со Монако од 1297 година до денес. Официјален јазик е францускиот јазик. Монако е членка на ООН од 1993 година. И покрај независноста и посебната надворешна политика, националната одбрана на оваа мала држава е одговорност на Франција.

Брзиот економски развој на ова минијатурно кнежевство се должи на изградбата на железницата со коja во XIX век се поврзало со Франција (Монако и денес нема аеродром, но има хелиодром што значи дека од најблискиот аеродром во Ница може да се долета со хеликоптер за 7 минути, благата медитеранска клима и кобалтното море, прекрасниот пејсаж со егзотични еукалиптусови, портокалови и лимонови дрвја и урмини палми и секако, екстравагантните коцкарници кои го направија Монако магнет за богатите и познатите. Економскиот прогрес на Монако е незапирлив и во последните децении тој се претвори во важен банкарски центар кој располага со фондови во вредност од 100 милијарди евра благодарение на политиката на неоданочување на приходот со што Монако стана даночен рај. Монако не е членка на ЕУ, но благодарение на царинската унија со Франција национална валута е валутата на Франција односно еврото. Монако има најниска стапка на невработеност од 0%. Монако во 2011 година го имаше највисокиот номинален БДП по глава на жител во светот од 172.676 долари (само за споредба, Македонија во истиот период оствари номинален БДП per capita од 4.925 долари односно 35 пати помалку). Монако е држава со најголема очекувана животна старост на населението од 90 години! Монако исто така има најголем број милијардери и милионери по глава на жител. 

Image

Во 2012 година, четврта година по ред, Монако има најскапи недвижнини во светот. Само 1 м2 чини 58.300 $, a во екстравагантната Tour Odéon која треба да се заврши до јули 2014 година еден луксузен стан достигна цена од  неверојатни 388.000.000 $ што е светски рекорд.

 Le Grand Casino de Monte Carlo

Image

Зборот казино доаѓа од зборот casina што значи мала куќа за задоволства. Првото било отворено во градот Спа во Белгија во 1762 година. Идејата за отворање на казино во Монте Карло била на Принцезата Каролина со цел да се спаси кралското семејство Грималди од банкрот кога два града прогласиле независност од Монако и одбиле да плаќаат данок. Бил ангажиран тим од француски архитекти кои требало да изградат казино, спа центар за третман на болести и вили во англиски стил. Првото казино било отворено во 1856 година, но бидејќи Монако немал развиена патна инфраструктура до Ница и остатокот на Европа, немал комфорни сместувачки капацитети и слабото рекламирање, казиното морало да се продаде и дислоцира. Новите сопственици исто така биле неспособни да остварат профит и Принцезата Каролина фрустрирана решила да ги преземе работите во свои раце и својот личен секретар го пратила во Германија за да го ангажира францускиот претприемач Франсоа Бланк (François Blanc) кој раководел со познатото Bad Homburg казино. После многу убедувања и преговори Франсоа Бланк се согласил да го менаџира казино бизнисот во Монако. Била основана посебна компанија на чело со Франсоа Бланк како главен инвеститор (вложувач бил и Кардиналот Печи односно идниот Папа Лав XIII) и со целиот собран капитал Франсоа Бланк започнал масивен градежен потфат за модернизација и проширување на казиното според нацртите на генијалниот Charles Garnier (архитектот кој ја дизајнирал раскошната Opéra во Париз позната како Палатата Гарние) и на негово инсистирање, името на областа каде било лоцирано казиното било променето од Spélugues во Monte Carlo (Врвот Карло) во чест на Принцот Карло III од Монако за да звучи поатрактивно за посетителите. Казиното неколку пати било проширувано и доградувано со нови сали за коцкање, театар за опера и балет, концертна сала итн. Резултатот е вистинско архитектонско ремек дело!  Аристотел Оназис имал контролен удел во Казиното Монте Карло, но во 1950 година бил отстранет од Рение III, Принцот на Монако.

Image

Казиното Монте Карло како и главните хотели, спортки клубови и ноќни клубови во Монако се во сопственост на јавна компанија во која доминантен удел имаат Владата на Монако и кралското семејство Грималди. Казиното до скоро беше нивен примарен извор на приход, но благодарение на  деловниот осет и визионерството економијата на Монако во голема мера се диверзифицира и приходите од казиното денес претставуваат само 5% од вкупниот приход, а остатокот доаѓа од силно развиениот туризам (Монако е дестинациja par excellence на светскиот џет сет). Во казиното може да се игра покер, рулет, бакара, крапс, црвено и црно, блекџек или да се проба среќата на 1.160 слот машини. Не е чудно што токму ова е омиленото казино на Џејмс Бонд (се појавува во дури три филма: Never say never again, Golden Eye и Casino Royale). Влезот е дозволен единствено за постари од 18 години и чини 10 € (20 € во salons privés) со запазен кодекс на облекување (на пример, не е дозволено воени ниту религиозни униформи) и секој посетител на влезот мора да покаже документ за идентификација (другите казина се помалку формални особено е релаксирано казиното Café de Paris). Секој croupier е олицетворение на љубезност и самоконтрола затоа што нема фиксна плата што значи заработува исклучиво од бакшишот (pourboire gagnant) од добивката на гостинот. Износите се строго чувана тајна. Интересно е дека на жителите на Монако со закон им е забрането да влезат во салите за коцкање на казината!

 Le Palais de Monaco

Image

Image

Кралската палата на Монако е дом на кралското семејство Грималди. Рение III Принцот на Монако во 1956 година склучи граѓански и црковен брак со американската филмска дива Грејс Кели. Со венчавањето Грејс Кели се здоби со 142 официјални титули од својот сопруг. Заради силни реакции на јавноста против продолжување на филмската кариера Принцот Рение III забрани прикажување на филмовите на Грејс Кели и Принцезата Грејс мораше да одбие улога на клептоманка во филм на Алфред Хичкок.

Image

Принцезата Грејс беше посветена на хуманитарни активности и поддршка на уметноста. Таа стана модна икона и со години фигурираше на листите на најдобро облечени жени во светот. Малата кожена чанта (sac à dépêches) од Hermès која и беше штит од љубопитните очи на папараците стана позната под името Чанта Кели и е една од најпосакуваните чанти на сите врамиња синоним за класичен дизајн и висок квалитет (340 мајстори рачно ја изработуваат, денес најефтината чини 3.600 € и има листа на чекање од 6 месеци до 1 година, но ако се нарача од алигатор или друга ретка ѕверка цените растат до 60.000 € или дури 130.000 € и има листа на чекање од 5 ГОДИНИ!). Чантата Кели е потврда за успехот и рафинираноста на нејзината сопственичката, но исто така да се поседува значи да се држи во рака дел од модната историја.

Во текот на повеќедеценискиот брак Принцот Рение III и Принцезата Грејс имаа три деца: Каролина, Принцезата од Хановер (на денот на нејзиното раѓање бил проглесен национален празник и тој ден било забрането коцкање), Принцот Алберт II (денес владетел на Монако) и Принцезата Стефани кои со години ги полнеа страниците на жолтиот печат со своите бракови, разводи, вонбрачни деца, нескромен животен стил и модни ангажмани. Дека убавината на Грејс Кели се пренесува од генерација на генерација сведочи фактот што не само нејзините ќерки туки и сите нејзини внуци привлекуваат сериозно внимание на јавноста, Принцезата Шарлот која има завршено студии на Université de Sorbonne ангажирана е како фотомодел за кампања на Gucci и се наоѓа на листата на Vanity Fair на интернационални жени со најголем стил. Нејзиниот брат, суперобразованиот Принц Андреа (најверојатен наследник на тронот на Монако), People го прогласи за еден од 50 најсекси мажи на планетата, Hello го прогласи за маж со најголем стил, а Forbes за еден од најзгодните млади аристократи итн.

Stephanie (2)Caroline

Image

Andrea Casiraghi

Принцезата Грејс загина во сообраќајна незгода во 1982 година што е морбидна коинциденција со сцена од филмот To catch a thief (1954) на Алфред Хичкок снимен токму во Монако во кој Грејс Кели брзо и опасно вози автомобил по истото крајбрежје на Монако каде загина. На погребот присуствуваа членови на кралски семејства (Принцезата Дијана во име на Британското кралско семејство), претседатели на држави и влади, филмски ѕвезди како Кери Грант, Џејмс Стјуарт и многу др. Две години по нејзината смрт Принцот Рение III во нејзина чест отвори јавна Градина со рози во која има 4.000 стебла и 150 различни видови на рози меѓу кои и хибридната роза Princesse de Monaco.

Image

Принцот Рение III никогаш не се прежени и по смртта во 2005 година го погребаа до гробот на Принцезата Грејс во Катедралата на Монако која е отворена за јавност.

Image

Монако има и други знаменитости и културни и спортски настани во текот на целата година кои ги фасцинираат посетителите на ова мало кнежевство. Внимание секако заслужуваат:

 Палатата на правдата (Palais de Justice)

Image

Cathédrale de Monaco

Image

F1 Grand Prix de Monaco

Image

Monte Carlo Rolex Masters

Image

Но, заради импресивната колекција и светското реноме посебно се издвојува Океанографскиот музеј на Монако како место кое не смее да го заобиколи ниту еден посетител.

Le Musée Océanographique de Monaco

Image

Овој исклучителен музеј е дизајниран од прадедото на сегашниот монарх Принцот Алберт III како палата посветена на науката. Подигнат на митската Карпа на Монако (Le Rocher de Monaco) Океанографскиот музеј го набљудува морето повеќе од еден век. Поседува Аквариум во кој 4.000 егзотични риби со величенствени форми и бои пливаат во 90 базени, Лагуна на ајкули со разнобојни корални гребени, Природонаучен музеј со диносауруси итн.

Image

 Image

Image

ImageEдно славно име нераскинливо се поврзува со Океанографскиот музеј на Монако, а тоа е бесмртниот и незаменлив Жак-Ив Кусто кој бил долги години негов директор. Жак-Ив Кусто бил француски морнарски командант, авантурист, истражувач, конзерватор, филмски снимател (зад себе оставил повеќе од 120 документарни филмови од неговите авантури, а за филмот Светот на тишината е добитник на Златна Палма на Канскиот филмски фестивал), иноватор на револуционерни откритија (SCUBA системот за подводно дишење со што се смета за пионер на морските истражувања итн.), врвен научник океанограф (докажал сонарно движење на морски цицачи, открил специфики на белите ајкули), фотограф, писател на 50 книги, конзерватор кој го проучувал морето и сите форми на живот во водите со помош на својот славен брод Калипсо кој го сметал за мобилна лабораторија за морско истражување, снимање и нуркање), лидер на подводни археолошки ископувања во Медитеранот (ги открил потонатите бродови британскиот HMHS Britannic и францускиот од XVII век La Thérèse), основач на Фондацијата Кусто за заштита на океанскиот живот која брои повеќе од 300.000 членови итн. Тој бил член на  Académie française и на United States National Academy of Sciences, советник на ООН и на Светската Банка, добитник на Presidential Medal of Freedom од Роналд Реган, Командант на Легијата на Честа, Национален орден за заслуги, Воен крст итн. Жак-Ив Кусто е премногу голем за да се именува само како директор на музеј!

А сите посетители кои ќе се уморат од туристичкиот разглед на Монако, од коцкањето во коцкарниците, од шопингот во многубројните boutiques во таканаречениот Златен круг (Cercle d`Or) околу коцкарниците или во подземниот екстравагантен шопинг центар Le Métropole, тие кои ќе се уморат од забавите во ноќните клубови, на плажите и јахтите можат да се одморат во некој од луксузните хотели или да вечераат во некој од префинетите ресторани, се разбира, ако тоа може да си го дозволат затоа што цената на престој во престижниот Hôtel de Paris за една вечер изнесува 690 € за соба и 10.950 € за апартман, а вечера во хотелскиот ресторан Louis XV Alain Ducasse, храмот на гастрономијата, на т.н. gourmet cuisine, закитен со 3 Мишлан ѕвезди (кој располага со винарска визба од 600.000 шишиња вино) чини 310 € без пијалок (на пример, салата со црни truffles чини 88 €, а постои можност да се нарача и 1/2 порција што чини само 65 € !?), ако воопшто може да се резервира место (ресторанот за вечера е отворен само од 20-21.45 часот и има долга листа на чекање) затоа што ова сепак е Монако, дом на се што е ултра: ултрабогатство, ултраслава, ултрараскош и ултралуксуз!!!

Image

Image

Image

Ако сеуште сте гладни за информации и сакате со свои очи да ја видите оваа мала држава на францускиот Азурен брег тогаш изгледајте ја емисијата на новинарот Пирс Морган или подобро, упатете се во најблиската туристичка агенција.

(Наташа Алексоска)

 Извори и дополнителни информации:

http://www.worldtravelguide.net/monte-carlo/shopping

http://en.wikipedia.org/wiki/Monaco

http://www.alain-ducasse.com/en/restaurant/le-louis-xv-alain-ducasse

http://www.hoteldeparismontecarlo.com/

http://en.paperblog.com/travel-oceanographic-museum-monaco-328875/

http://www.montecarlosbm.com/luxury-casinos-monaco/monte-carlo-casino/

http://intl.lauritzblog.com/2012/09/04/the-kelly-bag-a-portable-icon/

This entry was posted in Забава, Култура, Куриозитети and tagged , , , , , , , . Bookmark the permalink.

Leave a Reply

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out / Change )

Twitter picture

You are commenting using your Twitter account. Log Out / Change )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out / Change )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out / Change )

Connecting to %s