Меѓународна летна школа и забава во Франција!

Image

Доколку некогаш сте се запрашале какви сè тајни крие Франција, сè што можеме да ви кажеме е дека секој човек во животот треба да ја има таа шанса барем еднаш да ја види со свои очи прекрасната Нормандија каде има историја на секој агол и убавина на секој чекор. Вистина е дека Париз е прекрасен, но сепак понекогаш некое неоткриено гратче таму горе на северот на Франција може да ви остави толку силен впечаток и прекрасни спомени што дури ни космополитскиот Париз не може да ги надмине. Еве зошто…

    

Уште пред самото патување знаевме дека меѓународниот аеродром Charles de Gaulle во Париз е огромен, но не можевме ни да претпоставиме колку сè додека не слетавме и не видовме со наши очи! 1.500 летови и 200.000 патници дневно! Бевме пречекани од Mesdames 🙂 Сандрин и Изабел и заедно со студентите од Аргентина, Бразил, Шпанија, Кина, Грција, Виетнам, … се упативме кон Руан, главниот град на Горна Нормандија каде во Националниот институт за применети науки (Institut National des Sciences Appliquées – INSA), еден од врвните француски универзитети, по препорака на нашата лекторка 🙂 нè примија да учествуваме во двонеделната  “Меѓународна летна школа за француски јазик и култура 2013”. Неверојатно е колку различни луѓе од најразлични земји и култури од сите страни на светот може толку лесно да се обединат околу еден заеднички интерес – францускиот јазик.

Image

Овој модерен универзитет им ја нуди секоја погодност на меѓународните студенти. Деновите беа многу интензивни и исполнети со часови за пишување и конверзација на француски јазик, учевме граматика и многу нова лексика на креативен и забавен начин. Бевме поделени во различни групи соодветно на нивото на познавање на францускиот јазик (А1-Б1). Се разбира, домашните задачи ни беа секогаш на време напишани :), а добивме шанса и да направиме презентација за Македонија и некои наши градови пред студенти од сите страни на светот. Во попладневните часови имавме бројни активности како предавања за фотографија, работилница за филм и бевме во кино да гледаме француска комедија која не насмеа до солзи, имавме работилница за француска гастрономија (дегустација на fromages и madeleines!), разглед на музеи, како Музејот на индустријата и прекрасниот Музеј на современа уметност (Musée des Beaux Arts) каде што се восхитувавме на делата на Клод Моне, а во вечерните часови, се разбира, имавме време за мноооггууу шетање, дружење и забава!!!

DSC_0045

Успеавме да го запознаеме Руан до таа мера што престанавме да се чувствуваме како туристи. Руан има само 650.000 жители и е мал град во споредба со 20 милионскиот Париз, но град со големо срце:) Огромен впечаток ни остави архитектурата на Руан, прекрасните готски катедрали, типичните куќички, чисти и средени улици, насмеаните и љубезни жители, вкусната храна,… Бевме фасцинирани од природата и зеленилото насекаде низ градот, од опуштената атмосфера која создава чувство на топло добредојде, едноставно на која страна и да се завртевме останувавме без здив. Го видовме познатиот Gros-Horloge и Tour de Beffroi, потоа Jardin des Plantes, Jeanne d’Arc, Palais de Justice,  L’abbaye Saint-Ouen, Fontaine Jean-Baptiste de La Salle, Aître Saint-Maclou…

Организирано го посетивме Фестивалот на Импресионизмот и Богородичната црква на Руан (Notre Dame de Rouen) која навечер се трансформираше во Катедрала на светлината (Cathédrale de Lumière) затоа што на нејзината фасада во темнината на ноќта можеше да се види светлосен спектакл со теми од животот на 19 годишната жена војсководец Јованка Орлеанка и проекција на уметнички дела на сликарот Клод Моне – и двајцата нераскинлив дел од историјата на Руан. (Можете да го погледнете видеото: http://www.youtube.com/watch?v=Hj5I3Z4yNLg)

Image  Image

Се разбира во духот на интеркултурната размена и запознавање помеѓу студентите дојдени од различни континенти и споделување на необични кулинарски искуства во пријателска и крајно неформална атмосфера која ги руши сите јазични бариери организиравме вечер на интернационална кујна каде имавме можност да дегустираме карактеристична храна од секоја земја учесник, но исто така со гордост може да кажеме дека македонската храна која самите ја подготвивме беше меѓу омилените! 🙂

Image

Екскурзија до Honfleur и до Etretat!

Може ли поубаво да се помине саботно утро од екскурзија на брегот на Атлантскиот Океан?!

На околу 80 km западно од Руан на брегот на Атлантикот се наоѓа мало рибарско гратче наречено Honfleur, со мало прекрасно пристаниште опкружено со колоритни фасади на кои, иако видно сочувани сепак се забележуваат белези од годините поминати на влажниот нормандиски воздух. Првиот впечаток по пристигнувањето во Honfleur беше неверојатен. Занемевме пред живописноста со која зрачеше ова малечко гратче од само 9.000 жители. Во центарот на градот се наоѓа црквата  “Св.Катерина од Александрија”  изградена во XV век користејќи поморски градежни техники заради што целиот нејзин изглед потсетува на труп од брод превртен наопаку. Дрвената внатрешност на црквата е исполнета со мирис на морска влага и восок кои заедно со благата светлина на свеќите создаваат чувство на совршен мир и хармонија.

Но, со првиот чекор надвор од црквата мирот исчезнува и бран од звуци, бои и мириси надоаѓа од сите страни. На самиот излез од црквата се наоѓа пазар –тезги преполни со секакви видови на локални производи: школки, сирење, вино и најзастапениот производ кој секогаш носи насмевки на лицата на туристите – карамели ! 🙂 Секој довикува, кани да се проба од производите кои ги нуди. Некои застануваат да пробаат, други го пробиваат својот пат низ гужвата. Се чини дека вревата никогаш не запира. На еден агол седи старец со музичка кутија чија музика го исполнува океанскиот воздух и му дава нова димензија, една нота на тага која бездруго потсетува на почеток на некој прекрасен филм или прво поглавје на роман.

Image

theothers

Honfleur е мал град со голема историја. Тој е родното место на познатиот француски композитор и пијанист Ерик Сати (Erik Satie), па во него се наоѓа и музејот “Les Maisons Satie” каде преку аудио-визуелни ефекти, кои ни го одземаа здивот и е невозможно да се опишат со зборови, се прикажува животот и делото на познатиот музичар.

Исто така, Honfleur се смета за лулката на импресионизмот. Имено, локалниот сликар Boudin експериментирал со сликање на различни временски услови во различни временски периоди од една иста позиција, техника која подоцна ја преземале и рафинирале француските импресионисти како Моне, Гоген, Сезан, Делакроа, Мане, Реноар, Дега итн.

Image

По напуштањето на прекрасниот Honfleur, нашата екскурзија продолжи до Étretat или уште познат под името Слонова Карпа заради карактеристичниот изглед на гребенот. Ладниот океански ветер, моќните бранови и како контраст, неверојатното зеленило на Нормандија нè оставија без зборови. Вистинска демонстрација на силата на природата.

 

Единствената активност во Étretat ни беше уживање во прекрасните пејзажи кои отсекогаш ги привлекувале луѓето од сите страни на светот, особено уметниците на импресионизмот. Бевме свесни дека тоа што го гледавме пред нас е насликано од врвните мајстори и изложено во најпознатите светски музеи. Истата глетка од истото место со временска дистанца од неколку века.
Image

Дознавме дека Étretat во историјата е познато и како место каде што за последен пат е виден авионот Белата Птица со кој двајца херои од Втората Светска војна неуспешно се обиделе да го остварат првиот директен лет од Париз до Њу Јорк. Но, во спомените на еден од учесниците на летната школа ова место и тој ден ќе бидат запаметени во многу повесело светло – местото каде што на повеќе од 10 јазици ја пеевме само за него “Среќен Роденден Рафа”. А во нашите интимни спомени ќе остане врежано како прекрасниот брег на кој вреди да се вратиме некогаш повторно.

                Посета на Париз, се разбира! 🙂

Image

Многу е кажано за овој град, но се чини никогаш не е доста. Париз во нашите очи е амалгам од железничката станица “Св. Лазар”, кафе и муабет грицкајќи macarons 🙂 , прошетка покрај Сена, mousse au chocolat и crêpes на Montmartre, поглед од врвот на Ајфеловата кула, Champs-Élysées и Богородичната црква од романите на Виктор Иго. La vie est belle! 🙂

Одлучивме сами да го откриеме Париз пред планираната посета според програмата. Тргнавме со воз на железничката станица во Руан и првото нешто што сите го забележавме беше неверојатната организираност на железничкиот сообраќај, а потоа и самите возови кои се преудобни и супербрзи! Quatre billets pour Paris, s’il vous plaît! 🙂 

Дури и железничката станица “Св. Лазар” во Париз е место што треба да се види, бидејќи единственото нешто што ве потсетува дека се работи за железничка станица се возовите, а сè останато наликува на ултрамодерен шопинг центар. Се качивме во метро и прва дестинација – Champs Elysées! 🙂 Во глава ни се вртеше песната од Joe Dassin за овој славен булевар додека ги гледавме прекрасните кафулиња, галерии и кина, ексклузивни продавници и огромен број на туристи (меѓу кои и ние самите!) кои буквално не знаат што прво да направат: дали да почнат да фотографираат како луди или едноставно за момент да застанат и да уживаат во таа прекрасна жива атмосфера на сите страни.

Потоа следеше Лувр! Дури и надворешниот изглед на овој музеј/палата воодушевува и ниедна фотографија не може достојно да ја прикаже таа импозантна убавина. Колку и да сакавме да влеземе и да прошетаме низ овој грандиозен музеј, спречени бевме од километрите редици луѓе кои чекаа за да купат билет. За жал, во овој музеј е невозможно да се влезе и да се разгледа за само два-три часа. Но затоа, трпеливо чекавме во редица пред влезот во лифтот за до врвот на Ајфеловата Кула! 🙂

Image

Талкавме уште неколку часа низ овој прекрасен град на светлината задоволни што комуницираме на француски во кафулињата и продавниците. Времето ни се виде прекратко. Но, затоа уште еднаш се вративме последниот ден во организирана посета на славниот кварт Montmartre. Тоа е оној дел од Париз кој секогаш го гледаме во филмовите, улици со калдрма, необични градби и слободарски дух. Имате впечаток дека сè уште тука живее Ван Гог, Пикасо или Модиглиани. Невозможно е да не ве понесе атмосферата покрај сите уметници кои сликаат, сите музичари кои свират романтична мелодија во придружба на моќни вокали, покрај сите мириси на вкусна храна од сите страни, сите парови кои вљубено шетаат под рака низ тесните улици, едноставно не може да не заиграте,… Ниедна фотографија не може да ги долови тие моменти.

Image

Две недели. Толку требаше да се вљубиме во Франција. И едноставно, никој од нас не сакаше да ја напушти.

(Ангела-Александра Ивановиќ, Стефан Палмер, Марија Чукарска и Јана Василевска)

This entry was posted in Активности, Забава, Култура, Стипендии и семинари and tagged , , , , , , , , . Bookmark the permalink.

Leave a comment