Награда „Најдобар есеј за 2013 година“ за д-р Звонко Танески

pid200Доц. д-р Звонко Танески, професор на Факултетот за странски јазици при ФОН Универзитет е добитник на наградата „Најдобар есеј за 2013 година“ на меѓународното списание за литература, култура, граѓански прашања и наука „Корени“ – член на интернационалната издавачка мрежа EUROZINE од Виена.  Во прилог погледнете го наградениот есеј.

МАСМЕДИЈАЛНИОТ МИТ И ИДЕНТИТЕТОТ

(Моделот на „империјата“: Ние и другите)

 Се чини дека човештвото анализирано низ призмата на митовите од своите почетоци многу не се променило. Старите митови, всушност, истрајуваат и се приспособуваат кон условите на современото општество. Во тој контекст, познавањето и на сопствениот идентитет нè разликува од другите и нè прави да бидеме единствени барем во личното набљудување. Идентитетот го оформуваат повеќе нешта, на пример – припадноста кон еден народ, етникум, или кон друга група луѓе, кон нејзината културна традиција, општествени околности, но и лични искуства, животни цели, копнежи и сл. Но, каква е поврзаноста меѓу нашиот идентитет и митовите? И дали играта со митовите и со идентитетите претставува добар терен и за сопствен натпревар со другите?

Народите обично се горди на своето минато и на народните митови. Дотолку повеќе, стереотипните претстави за себе ги искористуваат многупати при туристичките пропагации на својата држава или на регионот. Впрочем, сосема е доволно кога митот функционира во мислите на странците, бидејќи во поголемиот број случаи можеме да се потпреме на тоа дека странецот ќе ги „вреднува“ македонските искуства во границите на таквите стереотипни претстави. Митот од овој вид помага во одржувањето на атрактивноста на земјата. Свеста за сопственото минато така помага и во личното вреднување на човекот. А, на личниот идентитет на човекот влијае и народниот идентитет. Свеста за историјата, за подвизите и за успесите на еден народ ја креираат претставата за тој народ и со тоа постепено создаваат и востановени модели. Преку нив често и го гледаме светот – тие ја чинат оската, која ја превиткуваме со нашите лични искуства. Без нив би биле принудени да го спознаваме светот секогаш наново. Класификацијата на стварноста според конкретните структури и според генерализирањето (на пример, често го вреднуваме народот како целина и ги игнорираме поединците) е природна особина на човечката мисла; не е секогаш важно дали дадените претстави одговараат на реалноста или не. Овие востановени карактеристични црти, народните стереотипи, се менуваат само полека, т.е. се рушат само со личното искуство со конкретниот народ. Народните стереотипи се составен дел од народната митологија. Му се придружуваат на идентитетот, а понекогаш и кон вредностите на народот. Сепак, често пати, тие се и извртен одраз на реалноста. Со содржината на народните стереотипи не мора да се согласуваме, но „светот“ ќе го гледа народот или етникумот претежно преку нив.

Речиси сите се пресретнуваме себеси понекогаш во состојбата дека им се приспособуваме на различните слики на идеали и дека преземаме определени улоги и маски. Прашање е дали може да се избегне таквата игра со идентитетите? Се чини повеќе дека не, отколку да. Затоа, можеби и како природен резултат од тоа се појави неодамна кај нас во Македонија, меѓу другото, и еден видео спот за музичка нумера со наслов „Империја“, која требаше да ја претставува нашата држава на меѓународната (за многу европски држави веќе крајно депласирана и естетски и финансиски хазардна) музичка манифестација „Песна на Евровизија“ за 2013 година. Се разбира, независно од пејачките квалитети на исполнувачите на таа песна во чиј текст експлицитно се алудира на тоа дека музиката претставува империја, дека таа царува на земјата и дека таа е најмоќната сила на планетата, сепак, имплицитно кај народот се врежа претставата од видео спотот за тоа дека ваквиот мултимедијален проект е првенствено наменет за луѓе кои лесно паѓаат на митови и кои се подложни на манипулација со желба да бидат дел од нешто позначајно. Со други зборови, се наметна како правилно само политичкото читање и толкување на видео спотот за „империјата“. Затоа, песната „Империја“ даде моќен доказ само за еден неосвестен, лековерен и неиспиративен обид за меѓународно промовирање и легитимизирање на „нашиот“, т.е. на „патриотскиот“ проект „Скопје 2014“. Меѓутоа, се покажа овојпат, конечно, на дело дека нашата моделирана културна и естетска демократија веќе логично стана невидлива дури и за оние кои се сметаат за најтврдокорни демократи. Се појави, по подолг период, очекуваната граница за тоа што сè се подготвени луѓето да проголтаат. Директен резултат од поставувањето на таквата граница е самото повлекување на песната односно нејзиното прогласување за „неважечка“ со најава дека надлежните ќе подготват по брза постапка нова песна која ќе ја претставува Р. Македонија на евровизиското шоу. Најавеното беше подоцна и остварено.

Во секој случај, со слични лоши остварувања во широкиот домен на сè она што може да се смести под поимот „култура“ се среќававме, рака на срце, во голем обем кај нас во последниве дваесетина години. Ама требаше, очигледно, да протече многу вода за да согледаме дека националните цевки неконтролирано ни џрџорат кајшто ќе стигнат. На тој начин, масмедијалниот мит за „империјата“ стана иницијален повод, малку нè освести и нè натера подлабоко да размислиме за сите слоеви и за сите трансформации што ги доживува и што ги преживува нашиот „народен идентитет“ во новиов дваесет и први век. Имено, во прв ред, сите социјално-политички промени што ни се случуваа нам беа многу често проследени и со превреднување на критериумите, кои ја обусловуваа позицијата на општеството кон националниот идентитет и кон понатамошното конституирање на новите морални, културни, општествено-социјални точки за потпирање од чија позиција доаѓаше и до себерефлексија на припадниците на конкретниот народ, до промена на погледот на својата сегашност (а најпосле и минато). Барањето и превреднувањето на народниот идентитет се покажа како постојан и незавршлив процес (посебно и денес во контекстите на мултикултурна Европа), во кој една од активирачките и од активните задачи, благодарение на проникнувањето во сите области во животот на поединецот, изиграа и медиумите. Силата на „сериозните“ медиуми често се состоеше и во нивниот стремеж да создадат кај адресатот претстава за сопствениот идентитет, да му понудат одговори на прашањата кои бевме?, кои сме?; и кои ќе бидеме? Една од стратегиите кои ги регистриравме во оваа насока беше и редовното користење на опозицијата „наш“ – „туѓ“.

Неспорен е фактот дека промените кои забрзано ни се случуваат во последнава деценија ги допреа сите сфери на нашиот живот. Тоа се одрази и во формирањето на новите стереотипи и на моделите на однесување во широкиот спектар од ситуации на интерперсоналната комуникација, а во соодветна мерка и во јазикот како најважен „инструмент“ на целата духовна култура. Наспроти тоа, во социокултурната, но и во јазичната сфера ја забележуваме примената на некои законитости и историски инваријанти. Затоа, во ситуациите кои дојдоа (и доаѓаат) можеме да ја видиме приказната на познатите модели, кои ја организираа историјата на македонската култура во целото нејзино траење. За Македонија во пресвртните периоди, во областа на развојот на општеството и на културата, е речиси карактеристично постоењето на т.н. дуален модел. Дуалниот модел се реализира со помош на преземањето на општите семиотички опозиции, кои го спецификуваат „новото“ видување на светот, „актуелната“ позиција на социумот во опкружувачкиот простор. Основната опозиција на динамиката на културата и на политичко-општествените промени е спротивставувањето на старото и новото, кои со себе ги врзува сите останати важни опозиции: минато – сегашно, правично – лажно, прогресивно – реакциско, наше – туѓо итн.

Со редовноста (повторливоста) на општествените потреси се дојде до изразена трансформација на егзистирачките социјални врски, која ја активира опозицијата наше – туѓо, а на која непосредно се врзува и опасната опозиција внатрешно – надворешно, при што во свеста на социумот се родија и се раѓаат различни комбинации, кои го наоѓаат својот израз во јазикот како израз на таквата свест, и тоа:

Туѓ + надворешен – надворешен непријател, странски притисок, светска криза;

Туѓ + внатрешен – петта колона, политички предавници, корумпирани неистомисленици.

 

Со ваквата редовност (повторливост) на „вредносните“ маркери поставени на оваа опасна опозиција, нивната масовност и стабилност во времето и во просторот постојано се наметнува (од оние кои имаат можност на влијание врз масовната свест) едно гледање на реалноста што нè опкружува, преку оптиката „наш“ и „туѓ“, што го обусловува, со помош на зацврстувањето на позитивните односно негативните асоцијации, и конституирањето на бараните стереотипи. Концептот „наш“, притоа, разбирливо, треба да побуди позитивни асоцијации, додека пак со стимулот „туѓ“ се поврзуваат реакциите со негативна вреднувачка семантика. Во тој правец, со доаѓањето на извесните карактеристични стереотипи се создава еден прототип како елемент, кој ваквите стереотипи (особености) ги одразува најекспресивно, како конкретизација на нашата претстава за себе и за другите, како исходиште на наследената споредба. Ваквиот пристап – т.е. спецификацијата на карактеристичните особини на прототипот на „туѓото“ и нивната поголема или помала присутност односно неприсутност во прототипот „наш“ – често пати стануваше и станува исходиште за конституирањето на сопствениот („наш“) национален идентитет.

Барањето и создавањето (односно пресоздавањето или моделирањето) на народниот идентитет како општ концепт „ЈАС/НИЕ“ претставува комплекс од когнитивно-творечки процеси засновани  врз себеидентификацијата со некоја група, за разбирање на своето место во просторот кој е ограничен / порабен со проблеми: Кој сум јас? Кој е тој? Каков е мојот однос кон него и кон останатите? Како ме гледа тој мене? За олеснување на ориентацијата во ваквиот простор и понудување (подметнување?) на своето видување за решението на таквите прашања се залагаат и мас-медиумите, кои им нудат неретко простор на различни „стручњаци“ – историчари, социолози, културолози, филолози – и нестручњаци, најчесто политичари, и притоа и самите заземаат некаква позиција. Сите стратегии како и, на крајот на краиштата, самото барање и формирање на новиот моделиран народен идентитет се засновани врз создавањето митови за себе и за другите, првенствено на емоционална база – со стремеж да се покаже дека НИЕ сме тие подобрите, НИЕ сме тука од дамнина, НИЕ ги имаме најубавите места за живот, НИЕ имаме јунаци на кои можеме да бидеме горди итн., а останатите се „Други“, не такви како НИЕ и често се однесуваат кон нас непријателски. Па, ќе се изненадиме ли кога ќе видиме што со ваквото видување ќе направи, за нас сè уште, хипотетичкиот конструкт на заедничкиот европски идентитет? Сосема е јасно едно: нека бидеме кои било, сите ние не постоиме како изолирани индивидуи, туку подложни сме на хиерархија на социјалните, општествените и националните групи. Својот конкретен идентитет во целост не го разбираме сè додека не дојдеме во некаква конфронтација со другата група, која е различна од нас. Идентитетот е ограничен од тие Другите. Можеби тоа и не претставува апсолутна важечка вистина, туку единствено категорија во рамките на вредносниот состав. Како и да е, механизмот на идентитетот оперира со дихотомниот принцип „наш – туѓ“. За да можеме конкретно да се позанимаваме со проблематиката на нашиот или на кој било друг „идентитет“ односно „припадност“, неопходно е да се посочат две „политизарани“ гледишта, кои би требало да се земат предвид:

1. Актуелните идеолошки декларирани „културни идентитети“ во поголемиот број случаи немаат ништо заедничко со реалната идентификација (во социокултурните соодноси) на поединечните – институционални и сетне социокултурни – елементи, по правило, на геополитичкиот систем. Таквиот проблем претставува изразување на стварноста за тоа дека реално – геополитичкиот систем на некоја група често ја преминува сопствената рамка – често сме периферија на нешто, но тоа нешто (благодарение токму на тоа дека сме само периферија) не е исто со „ние“. „Ние“ – тоа е центар или периферија, но никогаш не може да биде истото наеднаш. На актуелните идеолошки дефинирани идентитети, значи, можеме да заборавиме – ако сакаме навистина да се позанимаваме со со проблемот конкретно.

2. Формалните организации (какви што се, да речеме, ЕУ, НАТО) не зборуваат за реалната структура на геополитичкиот систем – за тоа, кои држави се централно поставени (условно: империјални), а кои се периферни (условно: империјализирани), што значи дека не зборуваат за вистинското делење и за вистинските граници меѓу поединечните категории на државите. На формалните организации, значи, исто така можеме да заборавиме – ако сакаме со реалната геополитичка структура да се позанимаваме конкретно. Сепак, за нас е важно овде тоа дека политичката функција (и од неа произлезената политичка ориентација) на мас-медиумите е еден одамна докажан, дури и банален факт, исто како и реалните, речиси и институционализирани политички врски на главните мас-медијални корпорации.

Музичкиот спот за „империјата“ со целата негова содржина, по кој знае кој пат, ни даде јасно на знаење дека проблемот на тешкото помирување со судбината да се биде на културната периферија се појавува често и во прашањето на тешкото помирување со когнитивниот аспект на тој факт. Поделбата на гласни критичари и на малкуте тивки поддржувачи на тој „масмедијален мит“ веќе стана потполно ирелевантна и скоро безначајна. Значи, интерпретацијата на песната „Империја“ покажа дека не само на нивото на политичките декларации и на отвореното именување на зависноста, туку и на нивото на медиумска фрустрација – од „нашите“ почнавме да бидеме посматрани како „други“. Тоа мошне убаво ни докажува дека општата елементарна естетика и заедничкиот идентитет можат реално да ги поседуваат само рамноправни партнери; кај нерамноправните тоа може да биде само објаснувачка (причинска) врска на зависноста.

Заклучокот од нашата музичко-политичка „империја“ е следен: нашиот идентитет ја има основата во своето минато, а нашето минато го предодредува нашиот идентитет. Меѓутоа, митските приказни ја опфаќаат и структурата на светот, а преку архетипите го опишуваат и човечкиот удел во нив. На таков начин, прастарите приказни на човештвото оживуваат во нивните модерни обработки. Ги одразуваат вечните човечки стремежи, копнежи и соништа, ги опишуваат законитостите за нашиот свет и го нудат она за што се чувствува недостиг или „потреба“ во општеството. Новите обработки на митовите ги наоѓаме и во книжевните и во филмските дела, а токму тие и помагаат потоа за достигнувањето на личната претстава за „идеалот“. Варијација на таквиот вид на мит е токму т.н. масмедијален мит. Со преземањето на „програмскиот урнек“, конзументите, во суштина, треба и да си го олеснат барањето на своето место во општеството. Негативната страна на таквата идентификација, пак, која сакаме да веруваме дека навремено ја осознавме, е емотивната и духовната празнотија на повеќето такви псевдо-продукти на современото општество. Масмедијалните инструменти така го деформираат вкусот, ја замаглуваат стварноста и затоа треба нив што побрзо и недвосмислено да ги анулираме и да ги забораваме. Идентификацијата со конкретниот идеал можеме и покултурно и пософистицирано да ја презентираме и, пред сè, да ја визионираме. За тоа не треба да создаваме „империја“, доволно е само да го кристализираме исклучиво добриот и естетски издржаниот вкус во себе и да го изнесеме него и надвор, пред Другите, околу нас и далеку од нас. Пред судот на иднината кому, ни се допаѓало тоа или не, ќе мораме сите подеднакво да му се поклониме пред да се изложиме на (не)предвидливиот ризик: да добиеме бурни свирежи или силен аплауз.

Advertisements
This entry was posted in Литература, Награди, Соопштенија and tagged , , , , . Bookmark the permalink.

One Response to Награда „Најдобар есеј за 2013 година“ за д-р Звонко Танески

  1. stranskijazicifon says:

    Честитки колега, наградата дефинитивно е во вистинските раце.
    (Наташа Алексоска)

Leave a Reply

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out / Change )

Twitter picture

You are commenting using your Twitter account. Log Out / Change )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out / Change )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out / Change )

Connecting to %s