Кога преведувањето на личните имиња е оправдано?

Pravopis

Правопис на македонскиот литературен јазик (1999)

Гледајќи денес цртани филмови заедно со мојата внука, се подзамислив за преводот на личните имиња. Во книгите, стриповите, цртаните филмови, а и во играните фимови, честопати сме биле сведоци како Џорџ (George) преминува во Ѓорѓи во преводот. Секако, постојат уште безброј други примери каде личните имиња биле буквално преведени. Правописот на македонскиот јазик, наложува правило (воедно и едно од основните правила кое го познаваат сите лингвисти) дека – личните имиња не се преведуваат, туку само се транскрибираат на кирилица, соодветно на фонетскиот принцип на македноскиот јазик и се предаваат во оригинал како што звучат на изворниот јазик. Оттука се наметнува и прашањето: Кога преведувањето на личните имиња е оправдано?

Онаму каде настануваат сите забуни, чинам, е во дилемата дали личните имиња е дозволено и треба во исклучителни случаи да се преведуваат, или пак треба да ги почитуваме и цврсто да се држиме до правилата за транскрипција коишто се предвидени во Правописот на македонскиот литературен јазик.

Иако јазикот е жива материја, која постојано се менува, се развива и збогатува лексички, сметам дека правилата кои се запишани во Правописот на македноскиот литературен јазик се тука да не водат при сите јазични дилеми со кои можеме да сретнеме. Меѓутоа, во практиката тоа не секогаш се почитува. Голем број на автори од академската фела, во своите научни изданија (прирачници, книги, учебници и сл.) ги пишуваат личните имиња во оригинал на изворниот јазик, без транскрипција на македонски иако имаме јасно поставено правило токму за транскрипција по кое може да се водиме. Ова не се однесува на наведената библиографија на трудовите, каде во суштина е дозволено и задолжително се наведува консултираната литература во оригинал како што била публикувана.

Еве два примери од извесни учебници:

*Henry Gantt (1868-1919) ги открил гантогрмите за планирање и за контрола и го развил бонус-системот на наградување;…

*Douglas McGregor (1906-1964) ги формулирал теоријата X и теоријата Y;…

Познавајќи го гореспоменатото правило, авторите би требало да ги транскрибираат имињата соодветно: Хенри Гант и Даглас Мекгрегор, а доколку сметаат дека е неопходно да стои и оригиналот може да го наведат во загради веднаш до името транскрибирано на македонски. Ваквите отстапки, за жал, се во голем број присутни и во весниците, како и во медиумите каде можеме да забележиме дека имињата се неумесно транскрибирани без да се консултираат со македонскиот правопис. Во секој случај, она што е уште поинтересно е кога станува збор за детската литература или пак цртаните филмови каде има и најголеми отстапки од ова правило.

Па така, да направиме мала анализа, би ги земал за пример преводите од серијата книги, односно сагата за младиот волшебник Хари Потер од познатата писателка на детска литература Џ. К. Роулинг. Имено, во македонскиот превод на книгите во издаваштво на Култура, а преведени од страна на Благородна Богоеска-Анчевска, Оливер Јордановски и Лавинија Шувака, се среќаваме со интересни преводи на имињата на ликовите и местата.

На пример: Хермиона Грејнџер (Hermione Granger) станува Хермиона Желбогорска; Северус Снејп (Severus Snape) станува Северус Зајадливски; Ремус Лупин (Remus Lupin) станува Ремус Волков; Слитерин (Slytherin) станува Змијолик; Грифиндор (Gryffindor) станува Орлолав итн.

Интересно е и покрај тоа што кај повеќето ликови во однос на нивните презимиња е извршен буквален превод, во ниту еден случај не е извршен превод на презимето на главниот лик, Хари Потер, во Хари Грнчаровски на пример. Претпоставувам дека во овие случаи кај детската литература, отстапување од правилото за транскрипција е оправдано доколку тоа е во служба на јазикот за да го доближи преводот и делото до помладите читатели, воедно правејќи го поавтентично, поинтересно и пренесувајќи ја замислата на писателката доловена преку интересните имиња на ликовите во волшебничкиот свет. Преведувачите во овој случај биле креативни и нашле соодветни и интересни лингвистички варијанти за замена и превод на оригиналот.

Во насока на оваа статија има и интересен пост токму на оваа тема од Бисерка Велковска и Маја Катарова на lektormk.blogspot.com, насловена: Кога превод, кога транскрипција, а кога оригинал – каде подробно се објаснети изолирани случаи на можни дилеми во јазикот во однос на преводот на личните имиња.

Вообичаено, со ваков „проблем“ во преводот на личните имиња не се соочуваме само ние во нашата литература, меѓутоа постојат јазични дилеми на меѓународно ниво. Еве неколку примери како се преведуваат имињата на јунаците од стриповите или цртаните филмови на некои од европските јазици:

  • Супермен (Superman): Во јазици како францускиот, германскиот и шпанскиот јазик, неговото име не се преведува. Иако, на португалски некои претпочитаат да го нарекуваат Super-Homem, што е буквален превод и значи супер-маж. На шведски пак, се нарекува stålmannen, што значи челичниот човек и со тоа донекаде се менува и неговото примарно значење.
  • Бетмен (Batman): На шпански, особено во стриповите, вообичаено е да се сретнат и двете варијанти од името – оригиналот, но и преводот еl hombre murciélago што значи човекот лилјак. Уште поинтересно е што неговото име од Брус Вејн (Bruce Wayne), беше променето во Бруно Диаз (Bruno Díaz) за неговата адаптација во шпанскиот јазик. На италијански пак, тој е именуван како l’uomo pipistrello, што исто така значи човекот лилјак.
  • Спајдермен (Spider-man): На шпански повеќето имиња на суперхероите во стриповите или во филмовите имаат свој превод и така се познати и во практиката. Така, на шпански тој е познат како еl hombre araña, што значи човекот пајак. На француски тој до 70-ите бил познат како l’homme araignée, што повторно значи човекот пајак, додека денес се претпочита да се употребува неговото оригинално англиско име како што е случај и во повеќето европски јазици.
  • Чудо-жена (Wonder Woman): На шпански таа била позната во минатото како Mujer Maravilla. За краток период, на германски таа била нарекувана Wundergirl во стриповите од 70-ите и 80-ите, но потоа се одлучиле да го употребуваат нејзиното оригинално име.

На крајот, сите овие правила и отстапки не би можеле да бидат решение на сите јазични дилеми кои можат да се појават. Правилата се тука да ја олеснат нашата преведувачка работа. Затоа наша задача како лингвисти и студенти по јазици, идни преведувачи и толкувачи, е постојано да изнаоѓаме креативни и соодветни решенија во преводот. Доколку оваа статија ви беше интересна, имате коментар или пример кој би сакале да го споделите, би ми ми било драго да ги прочитам вашите размислувања.

(Димитар Димитровски)

Извори:

http://www.utrinski.mk/default.asp?ItemID=4270B5CC0609AD418E527801F5997BB0

http://lektormk.blogspot.com/2010/10/blog-post_06.html

http://translation-blog.trustedtranslations.com/do-superheroes-get-their-names-translated-2014-01-13.html

Advertisements
This entry was posted in Куриозитети, Пишување, Превод and tagged , , , , . Bookmark the permalink.

Leave a Reply

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out / Change )

Twitter picture

You are commenting using your Twitter account. Log Out / Change )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out / Change )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out / Change )

Connecting to %s