На 15 април 2014 година на Факултетот за странски јазици (ФСЈ) проф. д-р Емилио Гаљардо Саборидо од Универзитетот од Севиља (Шпанија) одржа мултимедијално предавање (на англиски јазик) на тема: „Култура на Револуцијата: кубанското културно поле во текот на 1960-тите и 1970-тите години‟.
Д-р Емилио Гаљардо Саборидо завршил постдокторски студии на Универзитетот од Нотингeм и Универзитетот од Бирмингeм (В. Британија) и работи како професор на Катедрата за јазици, литература и интегрирана филологија при Универзитетот од Севиља (Шпанија). Негово поле на интерес е литературата и социологија на културата во периодот на кубанската револуција.
Предавањето беше фокусирано на врската помеѓу литературното творештво и политичките предизвици во овој турбулентен период обидувајќи се да одговори на прашањата: кои биле главните динамики во кубанската културна сфера за време на овие две бурни декади? како идеологијата влијаела врз културната сфера? кои биле главните појави во новиот литературен канон? и сл. преку извадоци од новели, кратки раскази, драмски текстови, филмови и реклами.
После предавањето дискусијата ја иницира студентот Димитар Димитровски кој со своето прашање ја погоди сржта на проблемот со кој се соочувала интелигенцијата на Куба во овој период исполнет со предизвици за книжевниците, уметниците и сите со идеологија спротивна или различна од доминантната .
После кратката дискусија Деканот на ФСЈ, проф. д-р Лилјана Митковска, на гостинот му предаде благодарница за неговото гостување и се заблагодари на луѓето и институциите кои ја овозможија оваа соработка после што беше организиран мал коктел во студентскиот ресторан каде во неформална атмосфера присутните имаа можност со проф. д-р Емилио Гаљардо да разменат мислење, направат паралели и споделат впечатоци.
Гостувањето беше во организација на д-р Иванка Апостолова од Универзитетот „Евро-Балкан‟ во тесна соработка со Факултетот за странски јазици при ФОН Универзитетот и Амбасадата на Кралство Шпанија во РМ.
(Наташа Алексоска)