Велат дека важен извор на знаење е искуството. Воден од една ваква максима одлучив да го збогатам моето животно искуство и да заминам на пракса во земјата на литературата, љубовта, виното и романсата – Франција. Тргнувајќи од мојата доживотна фасцинација со францускиот јазик, култура и начин на живот, одлуката да заминам на пракса во Франција беше повеќе од предвидлива и очигледна.
- Збор – два за праксата
Сместенo во живописната Прованса на југот на Франција, во самото срце на еден од најубавите европски кањони –Вердонскиот Кањон (Gorges du Verdon)- лежи шармантниот Егин (Aiguines). Во Егин, покрај брегот на вештачкото езеро Сант Кроа (Lac de Sainte-Croix), се наоѓа летниот камп Шантерен (Camping Chanteraine). Мое секојдневие во текот на летото беше воспоставување и одржување на контакти со клиентите во кампот, презентирање на туристичкиот регион и советување за организирани посети, книговодствени обврски, логистика итн. и сето тоа збогатено со курс по француски јазик за подобрување на јазичните способности.
Праксата во странство знае да биде предизвик. Културолошките, јазичните и социјалните разлики со кои се соочуваме во странска професионална средина можат значително да влијаат врз личноста и да придонесат за личен раст и развој, поголема независност и мотивираност за напредување во идната кариера.
- Нешто повеќе од праксa
Два месеци во романтичната Прованса беа совршена прилика да запознаам нови пријатели од различни држави и да ја доживеам Франција од еден за мене помалку познат туристички, културолошки, лингвистички и гастрономски аспект. Прованса, со својата автентична и колоритна архитектура и исполнета со испреплетени ароми од плантажите со лаванда и рузмарин секоја година привлекува илјадници туристи кои не можат да одолеат на нејзиниот шарм и природна убавина. За време на престојот во Прованса си исполнив неколку животни желби кои ми го отворија апетитот за адреналин, како веслањето на брзи води во еден од најстарите кањони во Европа (Вердонскиот Кањон), банџи скокање од мостот на Артуби (182 метри односно највисокиот мост за банџи скокање во Европа), параглајдерство, јавање на коњи покрај брегот на езерото Сант Кроа, прошетки низ недопрените шуми во Прованса итн., со еден збор, изобилство од активности кои го разбудија заспаниот авантурист во мене.
- Париз под лупата на еден франкоФОН
Секако не можев да заминам од Франција без да поминам барем неколку дена во Париз. Да се ужива во погледот на пурпурното небо на зајдисонце од Ајфеловата Кула, да се чекори по тесните улички исполнети со врева низ Латинскиот Кварт, да се посетат Louvre, Les Invalides, La Sorbonne,… во сета своја убавина и долговековна историја, да се вдише неодоливата арома на свежо печени кроасани и багети, да се дегустира крем бруле потсетувајќи се на култната сцена од Чудесната судбина на Амелија Пулен (Le Fabuleux Destin d’Améliе Poulain) истовремено слушајќи ја мелодијата која одекнува од уличните свирачи на хармоника кои ги изведуваат композициите на извонредниот Јан Тирсен е доволна причина за момент да се биде среќен.
За крај би сакал да ги охрабрам сите студенти кои сакаат да заминат на пракса во странство или пак сите оние кои можеби се двоумат околу таквата идеја да го направат првиот чекор затоа што придобивките може да бидат многубројни. На крајот на краиштата, не смееме да заборавиме дека дури и најдолгите патувања секогаш започнуваат со еден чекор.
(Дарко Ѓорѓијовски)
Браво Дарко! 🙂