Mobility in European Higher Education: Bologna – Mobility Strategy and Best Practice, Vienna (Austria)

 Белешки од студиската посета на Федералното министерство за  наука,  истражување и економија на Австрија (BMWFW) во Виена,  2014

1

Меѓународната мобилност се рефлектира врз квалитетот на високото образование, ја зголемува видливоста на високообразовните институции на национална и интернационална сцена, го олеснува воспоставувањето на мултилатерални партнерства, претставува инструмент за личен рaзвој на студентите, наставниот кадар и административниот персонал, можност за стекнување актуелни знаења и нови компетенции, подобрување на јазичните способности (остварување на европската стратегија мајчин јазик+2) создава поголемо интеркултурно разбирање и толеранција, ги подобрува можностите за вработување на меѓународниот пазар на труд итн. Сосема разбирлива е битката која се води помеѓу државите и водечките европски високообразовни институции за освојување поголем удел од меѓународната мобилност што можеби најдобро е синтетизирано во изјавата на Џим Вајтхурст дека образованието е новиот нафтен ресурс на државите!

Благодарение на меѓународното образовно портфолио имав можност да бидам стипендист во студиска посета на Федералното Министерство за истражување, наука и економија на Австрија (BMWFW) во Виена во 2014 година на тема: “Mobility in European Higher Education: Bologna Mobility Strategy and Best Practice” заедно со претставници од Велика Британија, Франција, Холандија, Италија, Португалија, Полска и Турција со цел проучување на образовните политики и практики во Европската високообразовна област (EHAE), воспоставување контакти и размена на позитивни искуства како дел од LLP програмата координирана од CEDEFOP на европско ниво за Европската Комисија.

Сфаќајќи ја сериозно обврската за дисеминација на резултатите од посетата сакам на заинтересираните студенти и колеги да им пренесам неколку примери на актуелни практики во контекст на мобилноста со напомена дека за сите дополнителни информации стојам во целост на располагање.

Студиската посета беше организирана со две примарни цели:

  1. преку директен контакт со истакнати австриски образовни експерти (за прашања од областа на јазиците, правото, финансирањето, домувањето, маркетингот во високото образование итн.) да се запознаат учесниците од различните европски држави со состојбите во високото образование во Австрија со фокус на мобилноста (надополнето со теренски посети на релевантни агенции како Агенцијата за меѓународна соработка во образованието и истражувањето (OeAD) и посета на водечките австриски високообразовни институции како (архитектонското ремек дело на Зара Хадид) Универзитетот за економија и бизнис, престижниот Универзитет за музика и уметности (со 60% интернационални студенти и наставен кадар!), Универзитетот за природни науки БАКУ кој е еден од најдобрите во светот во својата научна област и
3

Федерално министерство за наука, истражување и економија на Австрија (BMWFW)

7

Универзитетот за економија и бизнис, архитектонско ремек дело на архитектката Зара Хадид                                   Copyright: Céline LE VOURC’H

2. презентација на образовните системи и стратегиите за мобилност на земјите учеснички и преку отворена дискусија нивна компарација со цел да се детектираат предностите и слабостите на национално и/или институционално ниво и следствено да се понудат решенија и дадат препораки.

5

Врз основа на серијата презентации, теренски посети и исцрпни дискусии може да ги идентификувам и на кратко да ги сублимирам следните актуелни практики имплементирани во различни европски држави кои имаат потенцијал да ја подобрат климата за студентска мобилност (кредитна или за стекнување образовен степен) и кадрова мобилност (на наставниот кадар и административниот персонал) што непосредно може да има позитивни ефекти врз подобрување на квалитетот на високото образование:

Австрија и Холандија веќе имаат воведена практика преку процес на преговори да склучуваат Договори за перформанси (Performance Agreements) помеѓу Министрството за образование и наука со државните високообразовните институции поединечно со јасно дефинирање на целите кои треба да се остварат во поглед на образовните резултати, научната и стручната дејност и од посебен интерес, мобилноста на студентите, наставниот кадар и административниот персонал во период од 3 години од што зависи висината на буџетските средства и секој друг вид на државна поддршка.

За илустрација, Универзитетот Бреда кој е лидер во високото образование во Холандија според Договорот за перформанси 2012-2015 една од договорените обврски е до 31 декември 2015 година дури високи 60% од сите запишани студенти да реализираат најмалку еден семестар или 30 ЕКТС во странство преку програма за студентска мобилност, програма за заедничка диплома, практична работа, дипломски проект и др. Во случај на неостварување на оваа договорена цел предвидено е намалување на буџетот на високообразовната институција за 7% на годишно ниво односно 21% во период од 3 години. Импресионира фактот дека одличната стратегија за мобилност надвор и за интернационализацијата дома во комбинација со импресивниот расположлив буџет, квалитетниот наставен кадар, компетентноста на менаџментот и професионалноста на консултантите за интернационализација оваа амбициозна цел Универзитетот Бреда веќе ја има остварено!

Со цел подобрување на квалитетот на интернационализацијата дома и справување со можните проблеми на меѓународните студенти во поглед на признавањето на образовните квалификации, покрај стандардните ЕКТС структури имплементирани на институционално ниво, позитивна практика во Холандија е воведувањето на Кодекс на однесување официјално прифатен од страна на сите високообразовни институции со кој се гарантираат правата на меѓународните студенти кои доаѓаат на мобилност (вклучувајќи го и признавањето на дипломите и нивото на јазични компетенции). Секоја институцијата е обврзана со секој мобилен студент поединечно да го потпише кодексот на однесување како предуслов за одобрување виза за студирање (повеќе информации може да се најдат на веб страната: http://www.internationalstudy.nl/en/page/code-of-conduct-international-student-in-dutch-higher-education).

Во услови на висока стапка на интернационализација дома, а со цел да се минимизираат проблемите креирани од културните разлики, позитивна практика во Холандија е воведување на интеркултурни тестови за одредување на индексот на интеркултурен развој IDI (Intercultural Development Index) за сите вработени на почетокот на академската година, спроведување на обука од областа на интеркултурната комуникација во текот на целата година и повторно одредување на индексот на интеркултурен развој на крајот на годината кој влегува во годишната интерна евалуација на вработените.

Од исклучителна важност за мотивирање на наставниот и административниот кадар за реализација на мобилност на подолг временски период е постоењето на систем на гарантирано пензиско осигурување за периодот на мобилност кој беспрекорно функционира во Франција.

Со цел да се олесни пристапот до информации и преку засилување на конкуренцијата да се подигне квалитетот на високото образование, некои држави креираат национална база за високо образование и меѓународна мобилност каде на едно место може да се најдат сите информации за образовниот систем, високообразовните институции, студиските програми, можности за стипендии, грантови, домување и сл. и да се пребарува според серија специфични критериуми. Националната база е во континуитет ажурирана од страна на самите високообразовни институции кои се одговорни за содржината и овозможено им е да вклучат линк до националната база на сопствената веб страна, на пример, за Австрија: www.oead.at/index.php?id=3017&L=1, за Холандија: www.studyinholland.nl, www.nuffic.nl/en, за Франција: www.campusfrance.org/en, за Италија: www.miur.it, за Турција: www.turkiyeburslari.gov.tr/index.php/en/, за Полска: www.gopoland.pl, www.granty-na-badania.com итн.

Вреди да се спомене дека според Еразмус статистичкиот извештај на Европската Комисија објавен во јули 2014 година најпопуларните дестинации за прием на студенти преку Еразмус програмата која е најуспешна програма за студентска размена во светот сеуште се Шпанија, Германија и Франција. Истовремено Шпанија, Франција и Германија праќаат најмногу студенти преку Еразмус во странство. Врз изборот на дестинацијата во прв ред влијае распространетоста на наставниот јазик, квалитетот на студиската програма, академската репутација на институциите, висината на школарината, трошоците за живот, визите и имиграциските политики, признавање на странските квалификации и др.

Во поглед на висината на школарините според извештајот на Eurydice National Student Fee and Support System in EHE 2014/15 постои голема варијација помеѓу државните високообразовни институции низ Европа. Поголемиот број образовни системи – вкучувајќи ги сите нордиски држави – применуваат политика на студирање без школарини или симболични школарини кои важат за сите студенти. Франција е една од најпопуларните држави во поглед на мобилноста и има многу ниски школарини кои подеднакво важат за домашните и за странските студенти: годишната школарина на државните универзитети изнесува само 183 евра за додипломски и 254 евра за постдипломски студии. Германија е друга држава која има врвни и популарни универзитети каде се студира со ниски школарини или бесплатно што важи рамноправно и за студентите од ЕУ и за студенти надвор од ЕУ/ЕЕО. На државните универзитети им е дозволено да наплатат максимум 1.000 евра годишно, но во академската 2013/14 година повеќето државни универзитети во Германија воопшто немаат наплатено школарина за студирање. Но, дури и во системи во кои сите студенти плаќаат школарини, постојат големи разлики во висината и начинот на плаќање. На пример, школарината која сите студенти ја плаќаат во Чешка изнесува помалку од 50 евра годишно и е наменета за административни трошоци, а во Словенија, школарина плаќаат само вонредните студенти и странските студенти по потекло од држава надвор од ЕУ.

Eurydice Fig 1

На другиот крај на спектрумот се наоѓаат системи со релативно високи годишни школарини како Италија, Холандија, Ирска, Летонија, Литванија, Романија, Унгарија. Но, без никакво сомнение во Европа екстремниот пол го претставуваат Англија и Велс каде за релативно краток период со серија реформи драстично се зголемија (повеќе од 1.000%) годишните школарини за студирање и претставува случај кој заслужува посебно внимание.

Г-дин Сајмон Свини кој до 2013 година беше водечки експерт за Болоња во тимот на Велика Британија, наведува дека во Англија и Велс во последените неколку години се води жестока дебата за тектонските промени во функционирањето на високообразовните институции како последица на фактот што образовниот сектор стана витален дел од националната економија и само во 2009 година генерира повеќе од 73 милијарди евра.  Покачувањето на школарините на висина од 10.000-12.000 евра годишно (за споредба, школарините кои за прв пат се воведени во Англија и Велс во 1998 година изнесуваа 1.250 евра годишно, а во 2006 година беа покачени на 3.750 евра годишно) со што се намали државното финансирање на високото образование за дури 80% и се воведоа уписни квоти за домашните студенти (но не и за странските студенти: на некои студиски програми од областа на економијата 70% од запишаните студенти се од Кина) претставува драматична промена на начинот на финансирање на високообразовните институции во Англија и Велс и пренесување на финансискиот товар за студирањето од државните власти врз студентите (многу студенти ќе се соочат со акумулиран долг од 62.000 евра во моментот на стапување на пазарот на труд). Оттаму, високото образование сфатено како јавно добро и потрага по знаење, во Англија и Велс се чини дека го замени комерцијалниот пристап каде студентите се клиенти, а високообразовните институции се редефинираат себе си кон тоа што се именува како комерцијализација на високото образование (marketisation of higher education). Ситуацијата во Англија и Велс е уникатна бидејќи повеќето држави во ЕУ имаат бесплатно државно високо образование или релативно ниски годишни школарини. Останува да се види каков ефект ќе има новиот финансиски систем воведен во Англија и Велс врз високото образование, но тоа што со сигурност може да се тврди е дека ќе се одрази врз мобилноста на студентите и наставниот кадар.

Наведените примери за актуелни практики во поголема или помала мера може да се применат во високообразовниот систем на Р. Македонија или на институционално ниво да се имплементираат во високообразовните институции во РМ. Според UNESCO Report 2012 од 56.000 студенти само 5.166 студенти од РМ заминале на студиски престој во странство (на европско ниво проектирана цел е 20% од сите дипломирани студенти да реализираат мобилност во странство до 2020 година), а  1.431 студенти дошле на студии во РМ од Србија, Албанија, Бугарија и Турција. Во поглед на мобилноста на наставниот кадар, според податоците добиени од Националната агенција за европски програми и мобилност на РМ, само преку Еразмус програмата во академската 2012/13 од РМ во странство заминале 15 наставници, а исто толку заминале и во академската 2013/14 година.

Евидентна е потребата од подобрување на состојбите на планот на меѓународната мобилност со цел, од една страна, да се стимулира мобилноста на студентите и наставниот кадар (најмалку еден семестар) што овозможува стекнување актуелни сознанија и нови идеи за организирање на наставата, здобивање компаративни искуства, инспирирање на другите колеги, подобрување на јазичните способности (остварување на европската стратегијата “мајчин јазик + 2”), стекнување на вреден културен капитал, воспоставување мрежа на корисни контакти, географската оддалеченост како можност за критичко размислување, брзо осамостојување и созревање и, од друга страна, преку добро дефинирана стратегија за мобилност да се привлечат квалитетни странски студенти со што се интернационализира наставата дома и се зголемува реномето на институцијата. И во двата случаи само квалитетна доброволна мобилност значи подобрување на квалитетот на високото образование.

Се надевам дека овој краток преглед ќе биде инспирација за многу мои студенти и колеги да се заинтересираат за искористување на можностите за мобилност кои се достапни во РМ затоа што, ќе ги употребам зборовите на Г-ѓа Регина Екнер, експерт за Болоња во тимот на Австрија: “само интернационално едуциран наставен кадар може во целост да ги разбере предностите и додадената вредност од интернационализацијата.

За крај, сметам дека заслужува да напоменам дека Виена повторно докажа дека со својата местоположба, инфраструктура, степен на безбедност, развиени јазични компетенции на жителите и богато културно наследство е одлично место за организирање работни сесии на европско ниво.

7896171

Катедралата “Св. Стефан” / Stephansdom

3029123-poster-p-shutterstock156125846

Грабен / Graben

Casa-de-Mozart3

Куќата на Моцарт / Mozarthous

6

Кафе “Централ” / Café Central

И покрај навистина интензивната работна агенда во текот на студиската посета успеавме да се потсетиме на убавините на Виена и да ги посетиме Музејот на Зигмунд Фројд, Куќата на Моцарт, да се релаксираме со звуците на пијаното и sachertorte во традиционалното виенско “Café Central” кое било место за средби на Алфред Адлер, Зигмунд Фројд, Лав Тротски и, на мое големо лично задоволство, да ја посетиме палатата Белведере каде беше во тек јубилејната изложбата на слики од австрискиот сликар Густав Климт меѓу кои и маестралното дело Бакнежот инспирирано од мозаиците во Равена и Византиската уметност.

450px-Gustav_Klimt_016

“Бакнежот” – Густав Климт, Белведере / The Kiss” – Gustav Klimt, Belvedere

*краткиот прилог се темели врз трудот Меѓународната мобилност за повисок квалитет во високото образование” презентиран на регионалната конференција за Квалификации, евалуација и квалитет во високото образование” одржана на УЈИЕ во јуни 2014 година и групниот извештај од студиската посета.

(Наташа Алексоска)

Advertisements
This entry was posted in Конференција, Култура, Образование, Стипендии и семинари and tagged , , , , , , , , . Bookmark the permalink.

Leave a Reply

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out / Change )

Twitter picture

You are commenting using your Twitter account. Log Out / Change )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out / Change )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out / Change )

Connecting to %s