Алгоритамот на Netflix, феноменот Casa de papel и LLN алатката за учење странски јазици

Оваа пролет пандемијата ги лансира шпанските серии меѓу најгледаните во светот во време на историско конзумирање телевизиски содржини. Од El tiempo entre costuras, Gran Hotel, преку La Casa de Papel (преведенa на англиски како Money heist) до Élite, Las chicas del cable, Toy Boy и Vis a vis, шпанските серии бележат глобална популарност на Netflix и слични стриминг платформи (секако тука се вбројуваат и испанските Narcos, Club de cuervos, El Chapo, La Reina del sur, Ingobernable и сл.). Апетитот за оригинални шпански серии е толку голем што Netflix овој месец ги отвори вратите на својата прва европска продуцентска куќа во Мадрид во Шпанија.

1586497161_MoneyHeistSeason4promostill

Casa de papel се издвојува не само заради огромната гледаност туку и големото општествено влијание: маските со ликот на сликарот Дали и црвените униформи од серијата веќе се сметаат за најпрепознатливи ТВ костими во последните години (на рамниште на боне шапката од “Приказната на слугинката”) и стануваат, оправдано или неоправдано, симбол на граѓански отпор, ги видовме на граѓански протести во Порто Рико, Ирак, Франција, Чиле и пред една недела како инсталација на уметникот Маурицио Каталан пред берзата во Милано.

Критиката е поделена. Le Monde ја нарече серијата “алегорија на отпорот” и “химна за храброста и потребата да се мисли со своја глава”. Die Zeit оцени дека е “понекогаш премногу сентиментална, карикатурална… како теленовела”, а некои критичари изјавија дека е “пропаганда, опасен симбол кој поттикнува бунт”. Може да се дискутира дали е добра или лоша серија, но не може да се негира дека воспостави контакт со масовна меѓународна публика од различна провениенција. И главен “виновник” е Netflix.

80% од сериите во светот се следат на Netflix. Држејќи милиони луѓе во светот како заложници на алгоритамот за препораки на содржини, Netflix направи претплатниците да бидат емотивно зависни од нивната програма. Бон Џун-хо, јужнокорејскиот режисер кој оваа година се закити со Оскар за филмот “Паразит”, прв филм од неанглиско говорно подрачје кој ја освои наградата за најдобар филм, го прокоментира овој феномен: “Глобалниот успех на  La Casa de papel е во суштина стриминг форма на Стокхолмски синдром. Таа е пример како оваа платформа направи дисторзија на пазарот. Не беше возможно ни да се замисли пред една декада дека локална серија би можела да се прикажува во овој обем надвор од Шпанија. Денес, таа е најгледаната оригинална серија од неанглиско подрачје на Netflix која ја следат 167 милиони луѓе во 190 земји во светот. Платформата во голема мера е заслужна што и помогна на публиката да ја надмине таа 1 инч висока бариера на читање превод.”

Netflix со можноста за пристап од било кое место на планетава направи содржините да станат глобални, но успехот на La casa de papal и другите шпански серии се должи примарно на креативниот екосистем на Шпанија која располага со искусни и талентирани професионалци, разумни трошоци на продукција и го има клучниот елемент: шпанскиот јазик. “Во време на глобални платформи, имаме среќа што шпанскиот јазик е широко распространет.” – истакнува Хавиер Кариљо Бернал, автор на книгата Paradigma Netflix.

И секако, фамозниот (и дискутабилен) алгоритам на Netflix кој открива што функционира најдобро на платформата со што може да се персонализираат препораките за содржина до корисниците. Можностите за анализа на податоците од корисниците се огромни и, привилегија која традиционалните телевизиски мрежи ја немаат ни одблизу. Алгоритмите на Netflix откриваат трендови и овозможуваат да се разбере однесувањето на корисниците на подлабоко ниво. На пример, ако се утврди дека 70% од корисниците ги изгледале сите достапни сезони од откажана серија, може да се преиспита одлуката и да се продолжи таа серија. Анализата на огромниот кванум податоци може да даде увид кој ден каква содржина гледа корисникот (Netflix утврди дека корисниците главно гледаат серии во работни денови, а филмови за викенд), кое време од денот гледаат и од која локација, каков уред користат за пристап (таблет за серии, Roku за филмови, iPad за детски содржини), се анализираат сите параметри кои даваат увид во однесувањето на корисникот на платформата (не е потребно експлицитно корисникот да оцени некоја серија дека му се допаднала, тоа може имплицитно да се заклучи од однесувањето ако ја изгледа цела сезона во едно деноноќие), па дури се анализираат и податоците во самата содржина (каде се паузира, прегледува повторно, висината на тонот, бојата или сценографијата) со цел да се утврди што им се допаѓа на корисниците и да се предвиди што следно ќе гледаат за да се прилагодат препораките. Netflix ги дели корисниците според серија заеднички карактеристики на 2.000 групи. Сето ова најдобро го сумира Џорис Еверс, директорот за комуникации на Netflix: “Не постои еден Netflix, туку 33 милиони различни Netflix!”

11

Без разлика што ќе се случи во иднина со овој нов медиумски бизнис модел кој користи вештачка интелигенција, наука за податоци и машинско учење, неоспорно е влијанието на Netflix за поголема промоција на шпанскиот јазик во светот и, можеби поважно, Netflix се претвори во корисна едукативна алатка за електронско учење странски јазици. Посебно кул е алатката Language Learning With Netflix (LLN) која како екстензија на chrome овозможува да се гледа странската серија или филм на Netflix истовремено со текст на оригиналниот јазик и текст на англиски јазик со можност за автоматски паузи или слушање на преводот реченица по реченица за да му се овозможи на корисникот да го апсорбира тоа што го слушнал, опција за означување на специфични зборови и изрази, нивно зачувување и секако интегриран речник. Некои лингвисти ја поздравија LLN алатката како динамичен начин да се искористи едукативниот потенцијал на Netflix кој нуди содржина на 26 јазици во 190 држави и тежнее 100% од сериите во сопствена продукција да бидат од неанглиско говорно подрачје во најблиска иднина.

2

Во меѓувреме додека ја живееме пандемијата може да ги искористиме деновите во карантин да изгледаме уште некоја оригинална шпанска серија со помош на новата алатка LLN. Или кажано со зборовите на Алекс Пина, креаторот на Casa de papel (на Vis a vis и идната Sky Rojo) кој успеа да воспостави силна врска на серијата со публики од различни култури и јазици: “Можам да и ветам на публиката дека додека гледа нема да мисли на Ковид-19.”

(Natasha Aleksoska)

Користена литература:
https://elpais.com/television/2020-04-25/la-pandemia-aupa-las-series-espanolas-entre-lo-mas-visto-en-todo-el-mundo.html
https://languagelearningwithnetflix.com/https://variety.com/2019/tv/features/spains-tv-production-boom-sends-ripples-through-industry-1203182264
https://www.wired.co.uk/article/how-do-netflixs-algorithms-work-machine-learning-helps-to-predict-what-viewers-will-like
https://www.theguardian.com/tv-and-radio/2020/apr/02/how-money-heist-became-netflix-biggest-global-hit
https://gigaom.com/2012/06/14/netflix-analyzes-a-lot-of-data-about-your-viewing-habits/
https://neilpatel.com/blog/how-netflix-uses-analytics/
https://meaww.com/money-heist-the-phenomenon-red-jumper-dali-masks-iconography-symbols-resistance
https://observer.com/2020/03/netflix-ratings-most-watched-shows-movies-what-to-stream-coronavirus/

This entry was posted in Јазици и технологии, Забава, Култура, Превод, Филм. Bookmark the permalink.

Leave a comment